Градоначалникот Петре Шилегов вчера во МОБ ги врачи наградите „13 ноември“ што се доделуваат на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието.

Според Одборот за доделување на наградата, годинашни добитници на „13 ноември“ се: во областа на науката Горан Кондов, специјалист-хирург по градна хирургија, и пензионираниот професор од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Хаки Имери, во областа на образованието и воспитанието одделенскиот наставник во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје Јадранка Клисарова, а во областа на културата и публицистиката романсиерот, поет и издавач Димитар Башевски и поетесата и романсиер Пунторие Муча - Зиба.

Во областа на уметноста наградата ја добија обоистот Васил Атанасов и ликовниот уметник Стефан Хаџи - Николов, во областа на здравствената заштита и хуманитарна активност кардиоваскуларниот хирург Жан Митрев и наставникот по физичко и здравствено образование во ОУ „Рајко Жинзифов“ - Чаир Раде Илиевски, додека во областа на спортот фудбалскиот работник Чедомир Јаневски и кајакарот Атанас Николовски.