Додека живеела во странство во дворот од куќата и „никнала“ дивоградба

Афродита Серафимовска, чија куќа е лоцирана на улица Дижонска бр. 11, во општина Чаир, за Сител раскажува дека веќе 20 години не живее во земјава, а неодамна била известена од соседите дека во нејзиниот двор покрај куќата се гради нов објект.

Иако поседува имотен лист за куќата, а како што вели, поднела и барање за легализација на дворното место, во нејзиниот двор се одвиваат градежни активности. Афродита вели дека нема информација кој и што гради. Според неа, останува нејасно и врз основа на какви документи се вршат градежни активности на парцелата што е во сопственост на Република Македонија, а за која што е отпочнат процес на легализација.

“Непознати луѓе градат во мојот двор. Имам докази дека си водам постапка уредно и во суд и во општина и во сите институции”, вели Афродита Серафимовска.

Откако преку својот адвокат се пожалила за случајот до надлежните институции, вели дека Градежната инспекција на Општина Чаир донела решение за рушење на отпочнатата градба. Објектот требало да се сруши на 06.09.2018 година, но акцијата била одложена.

“И понатаму продолжуваат градежните активности во мојот двор. Се обратив и кај градоначалниот, но не бев примена таму. До сите институции се обратив, писмено до Министерството за правда, до Министерството за внатрешни работи, до градежната инспекција... Се надевам дека сите тие институции ќе ми помогнат и ќе ми излезат во пресрет”, апелира Серафимовска.

Од службата за односи со јавност на Општина Чаир потврдуваат дека објектот бесправно се гради и велат дека неминовно е неговото рушење, но било времено одложено само поради технички причини.

“Општинскиот инспекторат ги презеде сите потребни административни мерки во врска со случајот. Донесено е решение за уривање, но единствена техничка пречка за спроведување на акцијата е недовршената постапка за јавна набавка. Тоа значи дека треба да се избере фирма што треба да ја спроведе акцијата за рушење, не само за овој објект, туку и за неколку други на територијата на општината Чаир. Штом заврши постапката за јавни набавки ќе се применат сите натамошни мерки. Се надеваме дека бргу ќе се реши случајот. Ќе седнеме заедно со сите засегнати страни и ќе најдеме решение. Но, постапката за рушење на објектот ќе се спроведе веднаш штом ќе се одбере компанија”, велат од Општина Чаир.

Според Серафимовска, се работи за загрозување на основните човекови права и не ја исклучува можноста да побара помош за случајот и од државата каде сега живее.

“Се гради објект бесправно таму и ги молам сите институции да преземат мерки. Во спротивно ќе бидам приморана да се обратам до Холандската амбасада за да ми помогнат”, вели Серафимовска.

Серафимовска се надева дека случајот нема да ескалира и дека институциите ќе ги преземат сите потребни мерки за итно решавање на проблемот.