Додека „Вардариште“ се реновира, Скопје се преполни со кучиња

Со месеци веќе не е во функција програмата за заловување и стерилизирање  бездомни кучиња, затоа што стационарот „Вардариште“ се реновира, а новоформираното јавно претпријатие „Лајка“ уште не се фатило сериозно за работа во очекување да заврши реновирањето. Во меѓувреме, бројот на кучињата по улиците расте, здруженијата за заштита на животните алармираат за ситуацијата, а од надлежните нема никаква видлива активност, јавува Слободен печат.

Од Град Скопје тврдат дека до крајот на годината ќе биде презентирана новата програма за хуман третман на кучињата скитници која ќе гарантира намалување на нивниот број низ улиците како и зголемување на безбедноста на граѓаните.

- Градот Скопје работи на системско решавање на проблемот со бездомните кучиња, каде во соработка со останатите државни институции работиме на сите области кои се поврзани со оваа комплексна материја.Изминатиов период објектот на стационарот „Вардариште“ прејде во надлежност на новото јавно претпријатие „Лајка“, кое во целост ќе ги преземе активностите за заловување на кучињата скитници, тестирање, прочистување од внатрешни и надворешни паразити, стерилизација/кастрација, ветеринарна грижа, микрочипирање и обележување со ушна маркица, лекување, груминг, како и постапки за вдомување од заинтересираните граѓани – велат од Градот.

Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ деновиве жестоко реагираше на незаинтересираноста на  Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство за проблемот со уличните кучиња.

- Десет Лајки не можат да ја поправат штетата нанесена на животните, граѓаните и градот со запирањето на програмата за масовна стерилизацијата на бездомните животни во Скопје од месец април и непонудената алтернатива за спроведување на програмата во соработка со активисти, локални ветеринарни станици, дистрибуција на ваучери за бесплатна стерилизација, мобилни ветеринарни служби, реагираат од Здружението.