Додека учениците се на одмор, дел од училиштата се обновуваат

Додека учениците се на одмор, дел од училиштата се обновуваат. Комплетна замена на стариот со нов под во училниците и низ ходниците се врши во средно угостителско-техничко училиште „Лазар Танев“ во Скопје, каде што учат околу 700 ученици. Станува збор за монтажен објект, стар 54 години, пишува Независен

„Активностите околу реконструкцијата се одвиваат непречено“, вели директорот Зоран Николовски. Тој очекува до 10 август да завршат активностите и дотогаш клупите и столчињата да бидат наместени во училниците. Освен со реконструкцијата, Град Скопје годинава во неколку фази донирал клупи и нагледни средства. Но она што е потребно е изградба на ново училиште на местото на постоечките бараки.

„Предвидено е до почетокот на учебната година да биде завршена обновата на подот во училиштето. Ова е најприоритетното реновирање пред да се направи комплетна изградба на ново училиште бидејќи реконструкцијата не е логична за ваков монтажен тип градба од 1964 година. Сè уште се прават проценки, идејата е на ова место да се изгради ново училиште бидејќи колку и да се реконструира, сепак, не може да биде функционално и енергетски ефикасно“, вели Николовски.

„Изградба на нов објект за СУГС ‘Кочо Рацин’ ќе биде извршено штом се обезбедат финансиски средства за него“, велат од Град Скопје.

Интензивно се работи на внатрешна и надворешна изолација на средното училиштето Никола Карев, со која е опфатена обнова на плафонот, замена на дел од старите прозорци со нови, промена на олуците.

„Се надевам дека до почетокот на учебната година ќе завршат градежните активности. А како училиште плановите ни се да адаптираме и тоалет за деца со посебни потреби“, вели директорката Горица Илијоска.

Во полн ек е и обновата на фасадата на средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“. Директорот Ефтим Пејовски вели дека со тоа ќе се намали потрошувачката на енергија и дека потегот на надлежните е за поздравување.

„Ние би требало да ја постигнеме истата температура со помала количина на енергија, што придонесува за одржлив развој“, објаснува Пејовски.

Деновиве треба да започне и реконструкцијата на средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ вели директорот Марјан Алабаковски, која според плановите треба да заврши до 1 септември.

Во неодамнешната изјава в.д. директорката Благица Павловска на средното училиште „Кочо Рацин“, кое е времен објект стар пет децении, раскажа дека изминатите години децата учеле во очајни услови, низ старите дрвени прозорци постојано влегувал ладен воздух за време на зимскиот период. Дополнителен проблем настанувал кога ќе заврнело зашто прокиснувало од покривот.

Од Град Скопје за „Независен весник“ велат дека ги користат летниот распуст и паузата во школската година за да ги извршат сите потребни реконструкции на објектите на средните училишта кои се во нивна надлежност. Со големата реконструкција ќе бидат опфатени 12 скопски средни училишта. Во повеќето училишта ќе се постават нови, енергетско ефикасни фасади, додека во дел ќе се изврши санација на санитарни јазли, подови, врати, електрика, греење и столарија.

Проблемот со прокиснувањето кога врне во средните училишта „Јосип Броз Тито“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ од Градот велат дека не е од покривите, туку дека водата се слева од терасите и сливниците, што е документирано и влезено е во реконструктивните зафати. За оваа намена ќе се издвојат 60 милиони денари, од кои 46 милиони се за нови фасади, а останатите средства за останатите реконструкции.

„Активностите за изградбата на новото средно училиште на територијата на Општина Аеродром се во почетна фаза. Во моментов Општина Аеродром работи на изнаоѓање соодветна локација за него, по што ќе започне изработката на проектната документација, распишување на тендер и финално, изградба на училиштето. Градот Скопје е надлежен за реконструкција и спроведување на наставата во средните училишта, додека изградбата на нови објекти спаѓа во капитални инвестиции и како такви се во надлежност на државата, односно Министерството за образование и наука“, велат од Градот.

Инаку досега гасифицирани се четири средни училишта и тоа: „Георги Димитров“, „Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Арсениј Јовков“.