Добра психичка подготвеност и дебели нерви: Долг е патот до изводи од матично

Ако порано најголем проблем беше метежот на шалтерите, сега, откако почнаа да се издаваат изводи со неограничена важност, турканици нема, но да се дојде до изводите потребни се многу време, енергија и нерви.

За издвојување се неколку покарактеристични примери во кои граѓаните од различни причини не можеа да дојдат до потребниот документ иако, за потсетување, државата досега повеќепати спроведуваше кампањи за обука на администрацијата, подобрување на услугата за граѓаните и воведувањето на копчињата (црвено, жолто и зелено) со чие притискање секоја странка може да го оцени службеникот. Беше промовирана и кампањата според која нема погрешна врата, односно, дека приоритет на секој службеник е брза услуга на граѓаните, без непотребно трошење на времето, пишува Нова Македонија.

- Ако ми верувате доаѓам неколку дена. И покрај тоа што за издавање изводи ви кажуваат дека рокот е три дена, сепак тоа не важи за сите. Еве јас имам поднесено пред една недела и уште не ми е готов изводот. Отсуствувам од работа заради ова, и веќе си го загрозувам работното место затоа што секој ден доаѓам за еден извод - изјави револтираниот граѓанин, кој чекаше за да го повикаат за да види дали конечно ќе успее да обезбеди извод од матичната книга на родени.

На шалтерот за издавање изводи од матичната книга на умрени, пак, една девојка поднесуваше барања за да добие изводи од дедо и од прадедо. И покрај тоа што носеше докази за роднинската врска, носејќи ја умреницата од својот татко и еден куп документи што докажуваат дека таа е правнука и внука на починатите, за кои поднесуваше барање за умреница, вработениот ѝ кажа дека прво мора да извади умреница од дедо ѝ, па дури по три работни дена да поднесе за прадедо ѝ, затоа што тоа бил единствен начин за вработените да увиделе дека навистина прадедо ѝ е татко на дедо ѝ.

- Во систем ги имаат сите потребни информации. Зошто едноставно не проверат? Зошто мора по неколкупати да доаѓам за да извадам две умреници? Зарем јас со умреницата од дедо ми ќе докажам дека прадедо ми ми е навистина прадедо? Па зарем во тие документи не се наведени имињата на родителите? Зошто непотребно се прават проблеми, кога сѐ може да е толку едноставно? - раскажуваше девојката.

За оние граѓани што се незадоволни од услугата на шалтерите следната врата на која се упатуваат е вратата на началникот. Пред оваа врата, може да се забележи поголем метеж отколку на самите шалтери. Се добива впечаток дека началникот е тој што ја работи работата на преостанатите.

Поради тоа што не успеале да ја завршат работата на шалтерите, револтираните граѓани се упатуваат во канцеларијата на началникот, кој, пак, срдечно им помага на сите.

- Да не отидев кај началникот, којзнае уште колку време ќе ме враќаа назад. Влегов кај него, му објаснив во што е проблемот и веднаш без никаков проблем човекот ми излезе во пресрет. Се чини дека само тој си ја знае работата - изјави еден од граѓаните што излезе од неговата канцеларија.

На прашањето од Министерството за правда што би се случило доколку по некој склоп на околности, книгите исчезнат, или се оштетат во пожар или поплава, од Министерството за правда ни одговорија дека се работи на внесување на податоците во електронски систем.

- Управата за водење матични книги, напоредно со електронското поврзување и издавање изводи по електронски пат, работи на внесување податоци од матичните книги во електронски систем. На ова работиме веќе две-три години, но сепак потребно е време за да се направи тоа. Се работи за приближно девет милиони записи. Не може да очекувате нешто што со децении не можело да се направи, прекуноќ да биде реализирано. Се работи на овој проект, но тоа е долг и напорен процес. Сепак истиот тој ќе биде завршен - истакнаа од Министерството.