Добар старт на „Добредојде бебе“ во македонските породилиштата

Родителите од јули годинава не мора да одат по шалтерите во институциите за да добијат извод од матичната книга на родените за своето дете, туку при исписот од породилиште, односно во рок од два дена, можат да го добијат овој документ доколку изразат желба и ако за тоа ја имаат потребната документација.

Ова го овозможува проектот „Добредојде бебе" што е воведен со системот МојТермин на Министерството за здравство, во соработка со Министерството за внатрешни работи и Управата за водење матични книги при Министерството за правда.

Досега, во рамки на проектот, во 17. породилишта во Македонија издадени се вкупно 582 изводи од матичната книга на родени, информираат од Управата за водење матични книги. Потенцираат дека за овие неколку месеци постојано се зголемува бројот на граѓани кои на ваков начин добиваат извод.

Според статистиката на Управата, за една недела во јули издаден е 31 извод, во август бројката се искачила на 119, во септември на 265, а за половина од октомври издадени се 167 изводи.

Најголем интерес за добивање изводи, како што велат од Управата за водење матични книги има во Специјалната болница по Гинекологија и акушерство Чаир каде досега се издадени 262 изводи. Од нив само во септември издадени се 103 изводи.

Во Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство Скопје, од каде што во јули стартуваше проектот „Добредојде бебе", издадени се вкупно 133 изводи.

Во ЈЗУ Клиничка болница Тетово издадени се вкупно 103 изводи, во ЈЗУ Општа болница Струмица 31, во ЈЗУ Општа болница Гевгелија 28, во ЈЗУ Клиничка болница Штип 18, а во ЈЗУ Општа болница Охрид и во ЈЗУ Општа болница Кочани само по еден извод.

Во породилишта во Битола, Прилеп, Кичево, Струга, Кавадарци, Велес и Дебар , како што информираат од Управата, досега не е издаден ниту еден извод.

Според Управата, досега нема никакви проблеми за добивање извод за новороденче за оние родители кои сакаат да го добијат документот веднаш, но има и такви кои не носат документи, не знаат за името на детето и слично.

Директорот на Управата за водење матични книги Ѓоко Котевски вели дека се добро екипирани и им стојат на располагање на граѓаните како сервис. Оцени дека системот функционира беспрекорно и оти на родителите на доброволна основа им се олеснува постапката за издавање извод од матичната книга на родени.