Доаѓа ново модерно време: Што ќе добијат скопјани во 2018 година?

Новата година ја пречекавме со надеж дека ќе биде подобра од претходната. Локалната власт за оваа година најави битни проекти кои ќе бидат од суштинско значење за граѓаните на главниот град.

Град Скопје

Скопје со новиот буџет започнува да се трансформира. Се продолжуваат проектите што се за доброто на граѓаните. Истовремено ќе почнат и  проектите – за животната средина, за подобрување на условите за велосипедистите и пешаците, регистер за кучињата, подобрување на хигиената во градот, јавниот превоз.

Акцентот го ставаме на подобрување на животната средина, на развивањето на транспортната мрежа, дел за патната и комуналната инфраструктура, изградба на системи за водоснабдување, односно за инвестиции што ќе придонесат индиректно и подобар економски раст и развој на нашиот град. Коалицијата О2 не обврза со тоа дека буџетот за заштита на животна средина и природа не смее да биде под 3,5% од вкупниот буџет и да не биде под 3% за капитални расходи во истата категорија и со 90-100% оствареност. Тоа го надминуваме и проектираме капитални проекти во делот за животната средина на дури 4,2% од основниот буџет на Град Скопје – нагласи Шилегов.

Шилегов најави дека за наредната година, се предвидуваат 30 милиони денари за велосипедски патеки, односно тројно повеќе средства од буџетот за 2017.

- Ќе инвестираме 10 милиони денари за набавка на корпи за отпадоци и клупи, следејќи ја нашата мисија за чисто и урбано Скопје. За потсетување, оваа година биле издвоени само 4 милиони денари за таа намена. Вложуваме двојно повеќе средства во образованието, односно 163.200.000 денари кои ќе се искористат за подобрување на целокупниот образовен систем. Обезбедуваме бесплатен превоз за сите средношколци во Скопје. За реализација предвидовме 18 милиони денари. Сите средни училишта во Градот ќе добијат енергетско-ефикасни фасади со вкупна вредност од 90 милиони денари. Средствата за оваа намена во 2018 година се речиси трипати поголеми од оние што биле предвидени за оваа година – рече Шилегов.

- За идната година обезбедуваме 10 милиони денари за изградба на зелени покриви; 1,6 милиони за обука на оџачари; го продолжуваме субвенционирањето за набавка на печки на пелети, во вредност од 15 милиони денари и за набавка на велосипеди во висина од 10 милиони денари. Ќе обезбедиме системско решавање на проблемот со кучињата скитници преку подобрување на условите на згрижените кучиња во „Вардариште“ и преку започнување на изготвување Регистар на домашни и кучиња скитници. За реконструкција на стационарот предвидуваме 10 милиони денари – рече Шилегов.

За набавка на прочистувачи на воздухот – јонизатори за училниците во средните училишта на Град Скопје се обезбедуваат 12 милиони денари.

- Обезбедуваме субвенции за граѓаните за набавка на инвертери за затоплување во вкупна вредност од 10 милиони денари. Издвојуваме 6 милиони денари за оптимален модел на мрежата на линии на јавниот градски превоз. Инвестираме во јавниот превоз преку набавка на екоавтобуси, односно субвенционираме набавка на екоавтобуси на ЈСП во висина од 100 милиони денари – нагласи Шилегов.

Општина Аеродром

Фокусот на Општина Аеродром наредната година ќе биде насочен кон заштита на животната средина и подобрување на условите за образование и грижа за младите, односно на проекти како што се нови објекти за две градинки, обнова на подови, надомест од 3.000 денари за секое прваче и еднократен паричен надомест за талентирани спортисти.

Предвидени се и директни мерки за борба против загадувањето, меѓу кои и прочистувачи на воздух за сите градинки, мапирање на загадувањето во Општината, и реализација на пилот проекти.

Општина Центар

Во буџетот се предвидени средства за проектите „Центар се грижи за возрасните“; еднократна парична помош за новороденчиња; еднократна парична помош за социјално загрозени лица. Со цел да се промовира масовното вклучување на младите во спортот, да се поттикнува натпреварувачкиот дух и здравиот живот на младите, општина Центар ќе доделува стипендии за најталентираните млади спортисти. Стипендии и награди има и за најталентираните ученици и најдобриот образовен кадар.

Во буџетот за 2018 година се предвидени и рекордно најголеми средства за здрава животна средина, планирана е изградба на нови паркови и зазеленување. Општината ќе продолжи да ги стимулира граѓаните да користат велосипеди, продолжувајќи го проектот „Цел Центар на Точак“.

Од Општината наведуваат дека со оглед на тоа што греењето е најголем загадувач, општината заедно со БЕГ веќе започна подготовки за приклучување на топлификационата мрежа на населбата Маџир Маало. Составен дел на буџетот е и предлогот на коалицијата О2 за субвенционирање за купување на печки на пелети за ранливите категории домаќинства.

Продолжува изградбата на новото основно училиште во Капиштец и ќе се подобрува енергетската ефикасност во центарските основни училишта и детски градинки. Предвидени се средства и за изградба на монтажен паркинг, потоа реконструкција и модернизација на јавното осветлување, модернизација на ИТ системите на Општина Центар.

Во функција на решавање на најгорливиот проблем, загадувањето, планирани се средства за финансирање на програмата „Изработка на централен ИТ систем за поддршка на поздрава животна средина и намалување на загадувањето“.

Општина Карпош

Општина Карпош ќе биде третата локална самоуправа во земјава што од наредната година ќе го субвенционира купувањето велосипеди од граѓаните. Ова денеска го најави градоначалникот Стефан Богоев, којшто имаше средба со претставници од неформалната група „На Точак“. Од 2018 година во општинскиот буџет ќе бидат предвидени средства за поврат на дел од вложените средства на граѓаните за купување нов велосипед. Целта е да се омасови користењето на ова превозно средство од страна на граѓаните.

Меѓу другите проекти се и реконструкција и надградба на градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, еко монтажни платформи на неколку локации за решавање на сообраќајниот хаос, изградба на еден училиштен базен, субвенции за купување на велосипеди, нови зелени маалски скверови.
Предвидени се и проекти за враќање на спортскиот дух во Општината. Станува збор за рестартирање на турнирот „Сокол“ и целосно реконструкција на игралиштето во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, како и изградба на спортски центар „Лепенец“ во Бардовци.

Општина Ѓорче Петров

Ново осветлување во Ѓорче Петров, нова фекална и атмосферска канализација.

Ќе се работи интензивно и на капиталните проекти, како гасификацијата, изградбата на градинка во Волково, нова амбуланта во Дексион, враќање на корзото, економски развој, изградба на паркинзи, урбанизација на руралните подрачја, поддршка на спортот и младите…

Општина Кисела Вода

Во Општина Кисела Вода, во наредната година акцент ќе ставиме на тоа да се донесат сите ДУП-ови во општината кои сè уште не се донесени, а со тоа на тие места се намалува и можноста за реализација на низата инвестиции кои ги имаме предвидено.

Како втор приоритет во 2018 година ќе ни биде отвореноста на општинската администрација кон граѓаните и на тој начин, општината и граѓаните со заеднички ставови, предлози и изнаоѓање соодветни решенија по најважните прашања од секојдневниот живот би ја направиле општината добро место за живеење за сите граѓани, во сите нејзини делови.

Како едно од најприоритетните прашања кои ќе ги решиме во 2018 година е легализацијата на дивоизградените објекти. Издавање решенија за легализирање на дивоградбите чекаат дури 5.000 граѓани, кои со овој проблем се соочуваат од 2011 година па сè до сега.

Општина Гази Баба

Нови градинки и спортски сали, нова водоводна мрежа во Раштак и Булачани. Нови канализациони системи и пречистителни станици во населените места Трубарево, Јурумлери, Гоце Делчев, Нова Колонија, Идризово. Изградба на 10 нови улици како и асфалтирање на 20 км патишта.

Ќе биде започнат булеварот Хрватска, кој ќе ја спои општината Гази Баба со Бутел, како и продолжувањето на булеварот АСНОМ со улицата 519. Ќе биде обновена и атмосферската канализација на улиците Памиро Толати, Среќко Пужалка, Товарник, Сава Михаилов, Гемиџиска.