Чуф..., чуф...у...ууу... Доаѓа „Ќиро“! Со радосен восклик и детска возбуда со веста трчаат најмалите низ селските сокаци. Доаѓаат гости, познати ама и не. Ако, сигурно, за нив, децата, ќе има нешто слатко.

Како и секогаш домаќинските порти ширум се отвораат. Околу скромните трпези се невестите со засукани ракави. Филџан кафе за уморните патници, малку ракиичка, по некое мезе и многу, многу лаф-муабет.

„Како патувавте, арно? Како сте, како сте дома, децата слушаат? Има ли нешто ново? Или: Од каде сте, кај бевте? По работа, некоја мака, или...? И за крај: Седете со здравје и немојте случајно да не навратите ако патот кај нас ве нанесе и добар пат, до следното некое поминување и видување“.

Вовчето Пампурче се движело на релација Скопје – Охрид, патување кое траело близу 20 часа, a се движело со брзина од 8 до 9 километри на час. Историјата на Општина Ѓорче Петров датира уште многу одамна, непосредно по Првата Светска Војна,како предградие на главниот град Скопје до каде се стасувало само со познатото “вовче пампурче”.

Денес вовчето, или она што е од него автентично останато, композиција од локомотива, два патнички и по еден товарен и сточен вагон, кое сообраќало на теснолинејката на релацијата Скопје – Охрид до Ташмаруништа, струшко, како експонат стои во паркот на скопски Ѓорче Петров, близу местото каде што некогаш беше железничката станица „Ѓорче Петров“. Втората парна локомотива е пред железничката станица во Кичево. Двете, достоинствено им се инаетат на годините и потсетуваат на некогашното нивно „златно“ време.

Приказната за старото мало вовче, кое народот милуваше да го нарекува со различни имиња, може да се проследи на спомен таблата поставена пред една од неговите сочувани локомотиви во паркот во Ѓорче Петров. Таа започнува со трасирањето на теснолинејката од Скопје до Охрид, во Балканските војни 1912-1913 година од Србија, во Првата светска војна во 1916-1918 година од Германија и Бугарија, а по оваа војна е завршена од Кралството на СХС.

Делниците биле пуштани етапно. На 25 март 1919 од Ханриево, или старото име на Ѓорче Петров, до Гостивар, во должина од 61,50 километри, потоа на 15 јули 1922 година Кичево - Охрид во должина од 82, 3 километри, па на 5 август од Подмоље, охридско до Ташмаруништа, струшко, со должина од 22, 4 километри и на крајот, на 26 јули 1923 година од Мала Станица (Скопје) до Ханриево (Ѓорче Петров), траса од 5,10 километри. Тогаш и вака всушност овие македонски градови и населени места за првпат добија железничко поврзување, после 1878 година кога е пуштена линијата Скопје – Солун.

Примарната функција на пругата Скопје – Охрид служела за снабдување на војските кои се бореле на Солунскиот фронт. После Првата светска војна теснолинејката продолжила да функционира со редовни линии, патнички и товарни. Бидејќи транспортот од Ѓорче Петров до Скопје и обратно чинел скапо затоа што се одвивал со запрежни коли, во 1923 година пругата Ѓорче Петров – Охрид е поврзана со Скопје. Местото на почетната станица на малото вовче, аналогно на него, станала „Мала станица“ и се наоѓала спроти зградата на некогашната „Нова Македонија“.