До крајот на годината 30 доктори од примарното здравство ќе заминат во пензија, околу 60 000 граѓани ќе останат без матични лекари

До крајот на годината 30 доктори од примарното здравство ќе заминат во пензија а околу 60 000 граѓани ќе останат без матични лекари. Прилеп, Битола и Охрид се само дел од градовите каде многу амбуланти ќе останат празни.

Од Здружението на приватни лекари се загрижени за оваа алармантна состојба во нивниот сектор и прашуваат кој ќе ги пополни испразнетите места и кој ќе се грижи за здравјето на населението.  Апелираат дека ниту еден млад доктор не сака да биде матичен и да стартува од нула. Велат дека решението е во нивното долгогодишно барање, пациентите да бидат регистрирани на установата а не кај докторот како и постоење на база на податоци за надлежните точно да знаат на кој лекар кога му завршува работниот век. И додека од здружението алармираат дека состојбата е сериозна, од Министерството за здравство се уште без  план како ќе го  спасат столбот на здравствениот систем.

- Ќе направиме анализа за тоа колкава е возрасната граница на лекарите во примарното здравство, да ги слушнеме проблемите, како ќе се дистрибуираат пациентите на тие што одат во пензија, како да се олесни трансферот од еден кон друг лекар. Исто така работиме и со експертски групи од СЗО, дали може да се имплементираат искуства од земји во регионот, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И додека надлежните прават анализа, од ЗПРЛМ велат дека просечната возраст кај матичните е 57 години, што значи дополнително влошување на состојбата за 5 години кога може да се случи многу градови да останат без доктори во примарното здравство.  Воедно матичните лекари се разочарани што и тие не се опфатени со зголемување на платите од 5 проценти на здравствените работници. Од здружението најавуваат дека наредната недела ќе имаат состаноци со нивните членови во сите градови, по што ќе одлучат какви мерки да преземат за како што велат подобрување на нивната состојба.