ДНК го разбудија „ѕверот“ во „заспаната убавица“ наречена македонска естрада

Преполна сала, нескротлива енергија, кренати раце, млада публика која го знае секој стих и пее во еден глас… ова е само дел од атмосферата на големиот славенички концерт на македонското ар-ен-би дуо ДНК, кој Панчо и Андреј и екипата од нивниот придружен бенд го одржаа вчеравечер, 12 мај, 2017 година во скопската Метрополис арена.

Иако многумина беа скептици дека во време кога македонската естрада  заради политичката криза, духовната сиромаштија, финансиската немаштија, медиумското игнорирање, проблемите со авторските права… живее на апарати, токму ДНК го покажаа спротивното: Ако имаш издржан стилски концепт, добри песни и искрено веруваш во тоа што го правиш,  си ја купул публиката без оглед на времето во кое живееме и сите пречки и тешкотии кое тоа ги носи. А Панчо и Андреј токму по тој рецепт го туркаат својот концепт од првиот ден на своето постоење цели 15 години.

Извонредно осмислен, со одлично озвучување, осветлување и сценски видео ефекти, нивниот славенички концерт по повод една и пол деценија од нивното постоење,  и покрај целиот скептицизам покажа дека македонските изведувачи не се ама нималку инфериорни во однос на на сите оние регионални  ѕвезди кои доаѓаат од страна да ги полнат салите и соберат парите од Македонија.

Напротив, ДНК покажаа дека за 15 години не само што успеале да направат музички бренд од себе и своето име, да направат песни кои останале безвременски хитови, зашто старите песни како „Полна месечина“  или „Илјада ѓаволи“ на пример, публиката која тогаш одела во градинка, подеднакво ги знаеше и пееше како и најновите, од типот на „Невозможна мисија“, „Некој друг“ или „Уште еден ден“ да речеме… И конечно, Панчо и Андреј докажаа дека создале своја публика, армија млади луѓе кои веќе верно ги следат и ќе ги следат до крајот на наивната кариера и ќе растат со нив, нивните песни, нивната музика. Нешто што до сега сме го среќавале само кај оние кои доаѓаат однадвор и уште два-тројца постари македонски изведувачи.

Ако на целата атмосфера на концертот му се додаде и одличната организација на „Горила продукција“, извонредната свирка на бендот, грижливо одбраниот редослед на песните со особен акцент на одредени важни моменти врзани за кариерата на дуото, но и за нив лично, како моментот кога Панчо низ зборови, солзи и фотографии, една од нивните песни и ја посвети на неговат прерано почината мајка, но и на неколку свои драги луѓе, колеги – македонски музичари и ѕвезди кои прерано заминаа од нас како ДЈ Бабура, Ацо Богдановски-Конга (Нокаут), Драган Каранфиловски-Бојс, Вања Лазарова, Тоше Проески… и одличните специјални гости – актуелни македонски музички ѕвезди како: Елена Ристеска, Роберт Билбилов, Магдалена Цветкоска – Ена, Дарко Илиевски, Тамара Тодевска, браќата Тавитјан… можема да кажеме дека ДНК направија концерт за славање, но и концерт за паметење.

Едноставно Андреј и Панчо заедно со Горила продукција направија концерт за сите сетила. Поставија нов стандард, нов репер кој на сите други кои во иднина ќе сакаат да го направат истото ќе им биде водилка и ниво кое ќе мораат да го стигнат.

Од друга страна покажаа дека Македонија има и свои ѕвезди и своја сцена – ништо помалку вредни и големи од оние одмсоседството! ДНК  го разбудија „ѕверот“ во „заспаната убавица“ наречена македонска естрада која полека се буди!

 

Извор: Вистина.мк