"Дивље јагоде" ќе го промовира својот нов соло албум во Скопје

Познатиот гитарист и основач на групата „Дивље јагоде“, Сеад Зеле Липовача, го објави својот втор соло-албум, насловен „Internal Waves of Love“. По промоциите во Загреб, Сараево и во Белград, тој в понеделник ќе го претстави и пред македонската публика.

Промоцијата ќе се одржи во „Пивница Стар град“, во Старата скопска чаршија, каде што ќе отсвири и дел од песните што се наоѓаат на ова издание, меѓу кои „Султанот од Брунеи“, „Цунами“, „Аксам во Истанбул“ и насловната „Внатрешни бранови на љубовта“.

- Се надевам дека публиката ќе го препознае квалитетот на овој албум и ќе го слуша со години без да се замори. Овој албум е како љубов што трае, во која секој ден откривате нова причина за вљубување, без љубовта да избледи или сосема да исчезне - вели гитарската рок-легенда Зеле Липовача.

Албумот „Internal Waves of Love“ главно е инструментален, иако на него има и неколку вокални соработки, меѓу кои и со пејачот Тони Мартин, познат како долгогодишен член на „Блек сабат“, во годините додека Ози Озборн не беше дел од легендарниот хевиметал-бенд.

Инаку, материјалот за „Internal Waves of Love“ Зеле го снимаше две години во Лондон, Гетеборг и во Загреб, а миксот и мастерингот ги работеше во Шведска, со легендарниот гитарист на „Кинг дајмонд“, Енди Ларок.