Дивата депонија кај обиколницата ќе се чува со видеонадзор

По третпат оваа година општина Гази Баба ја исчисти дивата депонија кај Стајковци на обиколницата. Несовесните жители и одложувачи на смет ќе бидат гонети и набљудувани преку видеонадзор.

,,Третпат ја чистиме дивата депонија која во Стајковци се создава кај надвозикот од обиколницата. Денеска и покрај снежните наноси, како и тековните активности за дезинфицирање на општината екипи на ЈКП ,,Гази Баба“ работеа и повторно ја исчистија на оваа дива депонија.

При претходното чистење локацијата ја заградивме и затворивме, но “,,овесни“ граѓани ја скршиле оградата и повторно оставаат шут на таа локација. Сите нивоа на толеранција се преминати!! Оваа локација повторно ќе ја исчистиме и целосно затвориме, а поставен ќе биде 24 часа видео надзор.

Мораме да разбереме дека од нас зависи во каква општина ќе живееме. Ѓубрето и шутот само не доаѓа на ниту една депонија, нашата свест мора да проработи и да се грижиме за природата. Да имаме чувство на самоодговорност особено во овие мигови“-порача градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски.