Директорот на „Ѓорѓија Пулевски“ тврди: Девојчето е фрлено на игра, нема насилство

Веста дека 14 годишни основци фрлиле соученичка низ училишниот прозор ги потресе скопјани. Родителите на девојчето пријавиле во полиција дека во петокот нивната ќерка била фрлена од четворица соученици од прозорецот на училницата на приземје во училиштето „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром.

Девојчето се здобило со полесни телесни повреди, а од МВР информираат дека сите засегнати се повикуваат на разговор. Директорот на училиштето пак, Александар Филипчев во телефонска изјава за 1ТВ вели дека не се работи за насилство, туку за детска игра која учениците ја играле веќе некое време и додава дека девојчето доброволно учествувало во тоа.

„Се работи за детски непромислености. За време на одморот, децата си играле, девојчињата свесно учествувале во играта. Кога пријавија кај наставничката, веднаш реагиравме за случајот, дојде полиција, дојдоа и од просветниот инспекторат. Од страна на училиштето се преземени сите дејствија. Разговарано е со родителите на сите деца, повикани се на советување. Преземени се поголеми педагошки мерки за децата кои го фрлиле девојчето, а помали за сите останати кои учествувале во играта“ – вели директорот Александар Филипчев за 1ТВ.

Филипчев додава дека се работи за одделение со одличен успех, а на нашето прашање зошто родителите пријавиле во полиција ако се работи за безопасна игра, директорот одговори дека најверојатно се исплашиле зошто лошо им било пренесено. Екипи на просветниот инспекторат излегле на терен, но нивниот извештај се уште не е готов. Овој случај денеска предизвика лавина реакции на социјалните мрежи, а не изостанаа ниту барањата за одговорност од надлежните.