Сашо Тасевски е подготвен да си даде отказ од функцијата в.д. директор на Драмскиот театар Скопје откако на социјалните мрежи откри дека му биле вршени притисоци да прима на работа актери од други институции кои не му биле потребни.

„Можете да ме смените од директорското место уште утре, ама нема да дозволам, без да бидам консултиран да ми наметнувате да правам трансфер на глумци од други театри кои не му се потребни на Драмски во моментов.

Нивото на квалитетот на Драмски опадна последниве години и заради тоа што се примаа актери преку негативна селекција и разни протекции.

Ме назначивте да бидам директор на театар, а не на социјална установа. Зборот МОРА да се прими Станко или Петко, не е соодветен во средини каде се бара талент. Најпосле, има и други театри во градов.

Размислете. Убаво би било во иднина да разговараме рамноправно. Во спротивно, барајте си друго дете за директор“, напиша Тасевски.

Актерот кој со своите критики воопшто не ја штедеше претходната власт на функцијата беше назначен во текот на летото. Тасески тогаш истакна дека воопшто никој не го прашал ниту му побарал партиска книшка и вети дека во театарот ќе се почитуваат сите принципи на работа.