Директорката на Агенција за филм – член на жирито на Меѓународниот филмски фестивал во Ереван

Директорката на Агенција за филм на Република Македонија, г-ѓа Мими Ѓоргоска Илиевска е член на жирито на 14. Издание на Меѓународниот филмски фестивал „Златна кајсија“, што годинава се одржува во период од 9 – 16 јули во Ереван, главниот град на Ерменија.

Мими Ѓоргоска Иливеска е член на меѓународното жири во компетицијата на документарни филмови составена од претставници од филмската индустрија: Јуџин Кор (САД), Том Фасерт (Холандија), Микеланџело Месина (Италија) и Григор Харутиниан (Ерменија). Комисијата ќе ја додели наградата „Златна кајсија“ за најдобар документарен филм и специјалната награда „Сребрена кајсија“.

Мими Ѓоргоска Илиевска ќе земе учество и во форумот на Креативна Европа што ќе се одржи во перидот од 12-14 јули во организација на филмскиот фестивал во Ереван, Меѓународната фондација LEA (Грузија) и Јавната меѓународна организација Internews (Украина).

Панел дискусиите кои се дел од форумот ќе се одржат во три сесии на кои ќе се разгледуваат најдобрите начини и механизмите за интеграција во програмата на Креативна Европа, моделите за поддршка на филмските продукции и копродукции вклучувајќи ги и средствата кои тие ги добиваат од фондот на Креативна Европа, а ќе биде ставен акцент и на начините на финансирање и можностите кои ги нудат филмските фондови во Европа, при што Мими Ѓоргоска Илиевска ќе ги презентира можностите и начиите на финансирање во Македонија, улогата на Еуримаж како и правото на поврат на средства за странски продукции кои снимаат во Македонија.

Освен Ѓоргоска Илиевска, на панел дискусиите учествуваат и Муге Демир (претставник од Филмскиот фестивал во Ротердам), Ирена Стрзалковска (продуцент и национален претставник на Полска при Еуримаж), Стефан Китанов (продуцент и директор на Софискиот филмски фестивал), Кристина Балабан (претставник од институтот на документарен филм во Прага), Дорина Оарга (претставник од Филмскиот фестивал во Трансилванија).

Меѓу другото, Ѓоргоска Илиевска ќе земе учество и во пичинг програмата каде ќе бидат претставени шест долгометражни филмски проекти од Ерменија.
На фестивалот во официјална конкуренција во програмата за долгометражни филмови ќе биде прикажан и филмот „Реквием за г-ѓа Ј“ на режисерот Бојан Вулетиќ. Филмот е малцинска копродуцкија помеѓу Србија (SEE FILM PRO), Бугарија (GEOPOLY FILM), Руската Федерација (Non-stop Production), Франција (Surprise Alley) и Македонија (Скопје филм студио).

Фестивалот „Златна кајсија“ е формиран во 2004 година, а годинава се одржува под мотото: “Крстопати на култури и цивилизации” и на истиот се очекува да бидат прикажани над 200 филмови поделени во различни категории а годинава е домаќин и на голем број филмски професионалци и над 300 акредитирани новинари од локални и меѓународни медиуми. Меѓу досегашните гости на фестивалот се вбројуваат Марко Белокио, Вим Вендерс, Клаудиа Кардинале, Фатих Акин, Нури Билге Џејлан и многу други.