Директор на градинка: Ќе барам најстрога казна за воспитувачката ако го тепала детето

Мајка на шестгодишно момче пријавила дека воспитувачката во градинката го удрила нејзиното дете откако забележала отоци на лицето на детето, кое се пожалило дека воспитувачката го удирала неколкупати по десниот образ.

Инцидентот се случил во градинката „Срничка“ во скопски Аеродром, а случајот е пријавен во полиција.

Директорот на градинката, Јоаким Димулков, вели дека освен мајката, случајот во полиција го пријавиле и од градинката.

-Воспитувачката тврди дека не е вистина, случајот е пријавен и од наша страна, јас не сум судија, но ако се утврди дека е точно, сметам дека треба најстрога казна, изјави Димулков за „Макфакс“.

Мајката го однела синот и во здравствена установа, каде што од страна на лекар ѝ била издадена лекарска потврда за констатирани повреди во вид на оток во пределот на лицето.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.