Дипломираните на Факултетот за безбедност ќе го најдат своето место во МВР, вели Спасовски

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешното обраќање пред новите дипломаци од првиот и втор циклус студии на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ рече дека новиот и остручен кадар во иднина ќе треба да се фати во костец со реалните предизвици во општеството.

„Институциите и општеството се должни да ги отворат сите перспективи за што поквалитетна професионална реализација на младите луѓе. Сакам да нагласам дека МВР има примарна цел што повеќе да се отвори за целосна и континуирана соработка со младите образувани кадри од областа на безбедноста. Особено што ние сме свесни дека ниту едно општество не може да се надева на успешност без следење и практично имплементирање на новите, современи, стручни сознанија, без континуирана образовна наградба на луѓето кои ја сочинуваат институцијата и без реална кооперативност меѓу теоријата и практиката. Сакам да потенцирам дека сум уверен оти многумина од вас ќе го најдат своето место во општеството, вклучително и како дел од институцијата со којашто раководам“ рече министерот Спасовски.

На Факултетот се реализира прв циклус на студии на студиските програми за безбедност, криминалистика, безбедност и евро-атлански интеграции, криминологија, безбедност и финансиска контрола, втор циклус на студии за безбедност, форензичка безбедност, криминалистика и безбедност и финансиска контрола, како и трет циклус студии по безбедност.