Димковски: Со конкретни мерки ги поддржуваме малите производители на традиционални земјоделски производи

Во целиот синџир на производство на храна, важна улога имаат малите производители кои произведуваат висококвалитетни производи и имаат позитивен импакт врз локалната економија, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска на отворањето на првиот „Слоуфуд салон“, под мотото „Храната е движење“, во Скопје, на кој повеќе производители на традиционална храна ги презентираа своите производи.

-Токму овие производители се и нашите промотори на традиционалната и органска македонска храна. Во насока на поддршка на малите производители, Министерството за земјоделство во изминатиот две и пол годишен период, работи на мерки и политики за поттикнување на овие производители. Со измените на Законот за вино, е предвидено олеснување на условите за производство во малите семејни винарии, што ќе придонесе за развој на ваквиот тип мали винарии, и секако за поголеми приходи, изјави министерот Димковски.

Мерките од ИПАРД 2 програмата, додаде тој, овозможуваат кофинансирање на трошоците за изградба на преработувачки капацитети, набавка на опрема и други инвестиции, кои овозможуваат модернизирање и зголемување на производството, како и добивање финални производи со поголема додадена вредност.

Во делот на органското производство поддршката преку дирекните плаќања кај органските производители е од 50-100 отсто поголема од поддршката кај конвенционалните земјоделски производители. Димковски потенцираше дека следејќи го примерот на Европската унија, со цел да се заштитат овие производи, како од нивно исчезнување така и од нивна имитација, од неодамна e воспоставeна законска рамка содржана во Законот за квалитетот на земјоделските производи. Со тоа, нагласи, производите со географски или традиционален карактер можат да се заштитат со „Заштитена ознака за потекло‘‘, „Заштитена географска ознака‘‘ и „Гарантиран традиционален специјалитет“.

Засега е заштитен еден производ, но преку мерката Поддршка за маркетинг и промоција на земјоделски производи од Програмата за рурален развој, се обезбедени финансиски средства за заштита на уште пет традиционални производи, кои до крајот на годинава ќе добијат заштитена ознака, информираат од МЗШВ.