ДИК утре ќе ја одржи жрепката за редоследот на листите за локалните избори

Жрепката за утврдување на редоследот во единствената листа на кандидати – редоследот на гласачките ливчиња ќе се одржи утре во 12 часот, соопшти Државната изборна комисија.

Од ДИК ги покануваат овластените претставници на политичките партии, коалициите и групите избирачи кои ќе учествуваат на Локалните избори 2017 година да учестваат во жребувањето, а со себе да понесат овластување од подносителот на листата.

Жрепката ќе се одржи во просториите на Државната изборна комисија.

Листа на кандидати за членови на совет и листа на кандидат за градоначалник, кои се поднесени од ист подносител добиваат ист реден број во сите општини.

Редоследот на кандидати во листата ДИК го утврдува со жрепка и тој е ист во сите општини, а во општината каде нема да има свој претставник соодветниот број на подносителот ќе биде изоставен и на негово место ќе биде напишан редниот број на наредниот носител без оставање на празно место.

Најдоцна до 21 септември, пак, Општинските изборни комисии треба да ги објават листите на кандидати за членови на совет и за градоначалник. Во оние општини во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот, се објавуваат покрај на македонскиот и неговото кирилско писмо и на службениот јазик и писмо што го употребуваат граѓаните во таа општина.

Утре (19 септември) завршува и рокот од пет дена до кога политичките партии ќе можат да достават барање за запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список.  Избирачкиот список во кој се извршени сите промени отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 24 септември. ДИК го потпишува Избирачкиот список и изводите од него, најдоцна до 29 септември.

Шестите локални избори во Македонија се закажани за 15 октомври, а ќе се спроведуваат на 3.480 избирачки места во 80 општини и во Градот Скопје. Изборната кампања ќе почне на 25 септември на полноќ и ќе заврши на 13 октомври. Вториот круг од изборите е закажан две недели подоцна, на 29 октомври.