Вчера, во доцните вечерни часови, уште едно детско катче во Општина Карпош се најде на удар на вандалите. Имено, од досега непознати сторители, вчера вечер, беше целосно демолирано детското игралиште во урбаната заедница „Влае 1".

Ваквите деструктивни акти, за жал се одвиваат со застрашувачко темпо ширум целата локална самоуправа. Само пред една недела беа уништени скоро сите реквизити и урбана опрема кои Општината ги постави на детското игралиште во УЗ „Злокуќани".

Не беше поштедено ниту детското игралиште во УЗ „Владо Тасевски" кое се наоѓа во близина на Млечниот ресторан. Неодамна беше отшрафена и детската лулашка, која беше поставена во рамките на новоотворениот парк во УЗ „Пецо Божиновски Кочо".

Досега, на мета на несовесните граѓани беа сите 60 детски игралишта, кои Општината ги изгради на својата територија. Индикативно е тоа, што ваквите немили настани се случуваат во последниве месец и половина, со зголемен интензитет особено во пресрет на локалните избори.

Локалната самоуправа апелира до своите сожители, да се воздржат од ваквите деструктивни акти, бидејќи се работи игралишта и реквизити кои го разубавуваат јавниот простор, каде најмладите карпошани заедно со своите родители се дружат и социјализираат. Општина Карпош поднесе пријави против Н.Н. сторител до МВР и очекува, набрзо тие да бидат расветлени.