Детска ликовна колонија на Водно

Под покровителство на Општина Карпош, во организација на  Детскиот ликовен центар, денеска започна единаесеттата Меѓународна детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон - 2017".

Ученици од десетте основни училишта од општина Карпош, заедно со своите врсници од трите збратимени општини, Травник, Тиват и Нов Белград, ќе имаат можност на платно да ја пренесат својата инспирација од манастирски комплекс „Св. Пантелејмон" во Горно Нерези и „Македонско село".

На дводневната ликовна колонија, како што соопштија од општина Карпош, учествуваат 30 основци кои во акрилна и комбинирана акварелна техника ќе ги изразат своите уметнички импресии од околните историски и традиционални куќи.

Утре попладне на учесниците ќе им бидат доделени благодарници како награда за нивното учество на единаесеттата детска ликовна колонија „Св. Пантелејмон - 2017", а ликовните дела ќе бидат изложени до наредната среда 20 септември во просториите на Детскиот ликовен центар во Кинотека на Македонија.