Детска градинка Кочо Рацин: Меѓаши не ги познаваат законите, воспитачката е променета со цел поефикасно работење

Првата детска амбасада „Меѓаши“ вчера на прес конференција обвини дека повредени се правата на децата од првата мала група од градинката „Кочо Рацин“ во Скопје на кои без најава и образложение им е променета воспитувачката од страна на новата в.д директорка, без да се земе предвид мислењето на родителите и најдобриот интерес на децата.

На ова денес реагираше раководството на градинката од каде велат дека прес конференцијата на „Меѓаши“ говори за непознавање на функционирање на ЈУДГ.

„Според член 122, став 2, алинеја 4 од Законот за заштита на децата, ингеренција на директорот меѓу другото  е распределба на вработените  според потребите за поефикасно работење. Посочената воспитувачка е  префрлена во друг објект  во рамките на истата градинка, бидејќи повеќе родители  претходно искажаа нездоволство од нејзината работа со децата.“ - се вели во соопштението од детската градинка „Кочо Рацин“.

Од таму тврдат дека одлуката е согласно законот и единствено во интерес на децата.

„Категорично ги демантирам изјавите дека децата плачеле и ја барале старата воспитувачка. Процесот на згрижување на децата се одвива тековно и без проблеми. Што се однесува до  наводниот бојкот, организиран од некои родители,  сметам дека тоа е на штета на децата а написите на ранците се злоупотреба.“ - стои во изјавата од Габриела Алабашовска, ВД Директорот на градинката.