DE:SONANZ, BTKRSH и ROOM 313 го преземаат вториот ден на LakeAwake бината на Д ФЕСТИВАЛ

Електронската бина на Д ФЕСТИВАЛ, LAKEAWAKE STAGE во рамки на новиот програмски концепт, за време на трите фестивалски ноќи покрај Дојранското езеро, ги претставува водечките електронски колективи кои ја предводат клупската сцена кај нас.

Бината чиј подиум ќе биде збирното место на Д ФЕСТИВАЛ сѐ до раните утрински часови, во сабота на 16 јули ја преземаат DE:SONANZ, BTKRSH и ROOM 313! Станува збор за екипата која стои зад авангардниот електронски фестивал и платформа DE:SONANZ - која ги застапува современите текови во полето на електронската музика; BTKRSH колективот - кој внимавајќи на уметничкиот интегритет и високиот квалитет, во последните години се наметна како жариште на новата музика и промоторската асоцијација ROOM 313 - која важи за еден од најангажираните техно колективи во Македонија.

Со оваа екипа, во саботната вечер на Д ФЕСТИВАЛ, звукот на современата сцена на LakeAwake бината ќе го предводи еден од денес најинтересните белградски артисти, MKDSL и македонските артисти кои стојат зад трите колективи ANDREAS HZ, MARTCHIN, MITRIK, LTX, MAGGIE и SAMARDZISKI.

MKDSL (Mama kaze da sam lep) е белградски артист кој што по 15 години диџејување, се пренасочи на лајв настапи. Одговорен за расположување на белградската клупска публика од раните 2000-ти, MKDSL има уникатен пристап кон минимал електро звукот и асид битовите. Подеднакво под влијание на Афекс Твин и Лори Андерсон, како и од холандските мајстори од ’90-те, MKDSL е еден од најинтересните продуценти и артисти во Белград денес. Тој ги комбинира неговиот духовит карактер со сериозна посветеност на музиката и е одговорен за развојот на неколку сцени во Белград: електро, итало, ретро, дабстеп… во слободно време е во потрага по молекулот на танцот.

Еден од основачите на колективот BTKRSH, ANDREAS HZ, за кратко време прерасна во инспиративна клупска појава, која што располага со огромна збирка од висококвалитетно техно, хаус и бас електроника. Неговите настапи пружаат моќно и софистицирано уживање на подиумот.

MARTCHIN во последните неколку години е вклучен во повеќе проекти кои се занимаваат со електронската музика и култура. Дел е од фестивали, настани, списанија и радио иницијативи, а неговото портфолио е разновидно и богато. Martchin не црпи инспирација само од андерграунд музиката, туку на него влијаат и различни експериментални уметности и филмови.

MITRIK (Александар Митрикески) уште на 19 годишна возраст длабоко навлегува во електронската музика, со акцент на техно културата. Покрај LTX и Samardziski, Mitrik е еден од основачите на Room 313. Напорно работи на оригинален ладен и тврд техно звук, кој го засладува со мелодии, вокали и асид елементи. Сетовите му се напумпани со бас линии, настапувал по повеќето клубови низ Македонија, а има и два настапа во Германија, во Зиген и Јена.

Совладувајќи неколку инструменти во својата најрана возраст, LTX (Љупчо Тодороски) до електрониката и техното стигнува преку класиката и рокенролот. Целата енергија ја вложува во истражување на електрониката, а неговиот широк интерес се движи од Детроит сцената во доцните ’80-ти, па до денешниот берлински звук. Во 2013-та ја почнува радио емисијата Techno zoom, а потоа како промотор и диџеј им се приклучува на Room 313. LTX пушта музика од широк спектар каде можат да се регистрираат повеќе потстилови како лесен ритмичен тек - хаус, асид, класичен Детроит звук, па сѐ до најмрачно ориентираното техно.

SAMARDZISKI својот музички пат го започнува со експериментирање со класични, рок и метал правци, за сега да е дел од еден од најангажираните техно колективи во Македонија - Room 313. Продлабочувајќи се во квалитетно брзо техно со индустриски детали, енергични бас линии, психоделични елементи и заразни мелодии, Samardziski за краток период реализираше повеќе успешни соработки со квалитетни техно екипи од Германија, а неговите настапи во Капан Ан знаат да го доведат подиумот до точка на топење.

Дел од новата генерација диџеи, MAGGIE се неметнува на сцената со својот прогресивен стил. Психоделично, моќно и интелигентно техно е нејзиниот знак за распознавање, со чија помош полека но сигурно го обезбедува своето место на клупската сцена. MAGGIE е резидент на Code XX вечерите.

Покрај DE:SONANZ, BTKRSH и ROOM 313 за вториот фестивалски ден, чест да го стартуваат погонот на LakeAwake бината во петок, 15 јули ќе имаат „ТЕЧНА КУЈНА“ и D2 - платформите за промоција на квалитетната драменбејс и дабстеп музика.

Д ФЕСТИВАЛ годинава ќе се одржува до 15 до 17 јули во Дојран, а своите настапи веќе ги потврдија GOLDIE, TOY DOLLS, DUB PISTOLS, ЧИСТА ОКОЛИНА, BERNAYS PROPAGANDA, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, ОБОЈЕНИ ПРОГРАМ, LOLLOBRIGIDA, ФОЛТИН и HYPNOTIZED на главната бина, THE PROJECT ORPHEUS, THE RED STEP, ФОНИЈА, ПАРКЕТИ, MILLKO, САМОСТАЛНИ РЕФЕРЕНТИ, ПАЛИНДРОМ, KËPURDHAT, LEITMOTIF, MARKO GREYHOUND, ANNA O, METANOIA и PAPRIKAPAPRIKA на Mosquito Stage, D.LITE, ДАРКО СТЕПИЌ, HYPERTECH, OGIE, PUKKA, HANSSHC и TECKTONE на LakeAwake Stage. Наскоро ќе бидат објавени уште многу други изведувачи и гости учесници кои ќе го одбележат шестото издание на Д ФЕСТИВАЛ!

Во моментов актуелна е и продажбата на најповолните т.е. earlybird влезници за Д ФЕСТИВАЛ, кои се достапни само во ограничен број. Сите информации за влезниците се достапни на овој линк.