Десет стипендии за постдипломски студии за најдобрите студенти на пет факултети на УКИМ

 Десет стипендии за постдипломски студии за најдобрите студенти ќе добијат Машинскиот, Технолошко-металуршкиот, Природно-математичкиот и Економскиот факултет, како и Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Ова го овозможува Меморандумот за соработка што денеска го потпишаа ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски и главниот извршен директор на ОКТА, Јанис Геруланос. Секој од факултетите ќе добие по две стипендии.

По потпишувањето на Меморандумот во Ректоратот на Универзитетот, проф. д-р Јанкуловски рече дека на овој начин компанијата симболично ги отсликува и сопствените потреби и кадровските приоритети. Посочи дека со потпишувањето на Меморандумот се гради и се зајакнува врската меѓу Универзитетот, бизнис секторот и општеството.

– На овој начин Универзитетот ќе може успешно да ја извршува својата функција во насока на развој и унапредување на општеството. Само така Универзитетот како витален центар за создавање високо квалитетни и стручни кадри ќе продолжи да ги исполнува високите стандарди за нивно вклучување во пазарот на трудот и ќе ги следи потребите на стопанството, додаде проф. д-р Јанкуловски