Денеска во Градски парк ќе се одржи „Разменотка“ каде ќе се разменуваат стари работи

Денеска во Градски парк od 16Ч30 часот ќе се одржи настан „Разменотка“ на кој ќе се разменуваат работи што не се потребни. Идејата е разменување на ствари без пари а со добра атмосфера. 

„Во игра се материјални и нематеријални работи. Може да се замените и за совет, рецепт, песна, идеја... Донесете и билки, семиња, уметнички дела, облеки, ѕирнете кај капите и ракавиците, во кујна, можеби имате вишок празни или полни тегли, стара правосмукалка, штоф за шиење, цреши од двор, играчки, скии, лакови за нокти, очила, книги, плочи“ ,се вели на фејсбук-ивентот „Разменотка“.

Организаторите препорачуваат да се донесат јаженца, штипки, закачалки, ќебенца за поубаво да си ги наредите, поубаво да ви се видат, и полесно да си ги размените работите што сте си ги донеле.

„Принципот на размена определете си го вие: земи и со здравје да си го носиш или дај ми да ти дадам. Без пари и без карање.Се што ќе ви остане, а не сакате да го вратите дома, ќе биде донирано во хуманитарни цели. Заинтересираните хуманитарни организации се добредојдени да се пријават за на крај да ги подигнат останатите работи“, велат организаторите.

Точната локација е новото павиљонче во стариот дел од паркот, ако одите од Школка кон Зоолошка, лево од патеката. Најблизок паркинг е тој кај канцелариите на град Скопје.