Денеска на „Синедејс“ филмови од Сорентино, Годар и Форман

Вечерва во 20 часот во кино „Милениум“ во гала програмата на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ ќе биде прикажен филмот на Паоло Сорентино „Лоро“ во кој се говори за животот на Силвио Берлускони.

Сместен главно во неговата луксузна резиденција на Сардинија, филмот преку делумно фиктивни настани ни ги прикажува личноста на Берлускони, неговата политичка кариера, скандалите, односот со сопругата и неговото двозначно наследство. Насловот „Loro“ на италијански значи „Тие“, но исто така претставува и игра на зборови со l’oro што значи „злато“.

Во 22,30 часот, исто така во „Милениум“ ќе биде прикажан филмот „Сликовница“ на Жан Лук Годар, исто така во гала програмата.

Во џебното кино вечерва има ретроспектива на Милош Форман – „Гори, гори, моја госпоѓице“. Овој филм ја раскажува приказната за еден пожарникарски бал во провинциско гратче. Филмот претставува сатира за град под комунистички режим и парабола за општество во коешто неуспехот на еден човек може да ја одреди судбината на останатите. Сарказмот на Форман не поштедува никого и ништо. Од оваа причина, „Гори, гори, моја госпоѓице“ ни ја открива човечката глупавост, здодевноста и ароганцијата, како и празната реторика на нечесната власт.

Во кино Фросина од 19:30 часот ќе се прикажува играниот филм „Кога дрвјата паѓаат“ на Марисиа Никитиук. Во едно зафрлено село во Украина, едно бунтовно девојченце учи за животот гледајќи ја љубовната романса на нејзината братучетка тинејџерка со еден млад криминалец. Но, кога тој ќе побегне по едно убиство, нејзината братучетка ја присилуваат да се омажи со друг, и оваа мала хероина мора да дознае колку всушност е важно да се бориш за сопствените соништа.

Од 21:00 часот ќе се прикаже „Железната приказна“ на Златко Калеников во категоријата кратки филмови. Кога малата Ромка, Фати, влегува во полициската станица, истрагата за кражбата што ја води Перхан добива тотално неочекуван пресврт.

21:15 „Ана преку ден“ на Андреа Јаурриета. Ана е млада и образована Шпанка од традиционално семејство од средна класа. Таа е при крај со докторските студии по право и треба да се мажи, но не се чувствува исполнето. Еден ден, се појавува нејзина двојничка и ѝ го зазема местото. Сфаќајќи за првпат дека целосно е слободна, Ана решава да ја истражи нејзината нова анонимност и слобода, тестирајќи си ги сопствените лимити и трагајќи по значењето на животот, помеѓу пансионот и кабаре ноќите во Мадрид.