Денеска комеморација за поранешната градоначалничка на Кисела Вода Билјана Беличанец

Комеморацијата по повод смртта на прерано починатата поранешна градоначалничка на Општина Кисела Вода, г-ѓа Билјана Беличанец ќе се одржи денеска, 08.04.2019год, понеделник, со почеток во 15:00 часот во новоизградениот Дом на културата КВК во Општина Кисела Вода.

Според извори од истрагата, Билјана Беличанец била пронајдена обесена во бања а на нејзиното тело не биле забележани траги на насилство. Иако истрагата е во тек, сепак веројатноста е голема дека се работи за самоубиство.

Како што информираат од МВР, нејзиниот сопруг пријавил дека во неговиот стан на улица „Истарска“, го пронашол безживотното тело на неговата 45-годишна сопруга, која си го одзела животот.

Сопруг на Беличанец е режисерот Сашо Миленковски со кого неодамна таа стапи во брак, кој беше нејзин втор.

Од страна на Итна медицинска помош била констатирана смрт. Извршен бил увид, а по наредба на јавен обвинител телото е предадено на Судска медицина за обдукција, информираат од МВР.

Беличанец е родена на 25 јули 1973 во Скопје. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработува во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, каде претежно игра главни улоги за кои подоцна добива награди и признанија. Во 1997 година се вработила во Драмски театар - Скопје.

Од 2013 до 2017 година, Беличанец беше Градоначалник на општина Кисела Вода како кадар на ВМРО-ДПМНЕ а јавноста последните две години од нејзиниот мандат шпекулираше дека Беличанец имала сериозни здравствени проблеми.