Денешните жени пијат исто колку мажите

Анализа на 4 милиони луѓе, родени помеѓу 1891 и 2001 година покажува дека мажите многу почесто пиеле алкохол и имале здравствени проблеми како последица, но родовата разлика со поновите генерации се стеснува, покажува нова студија на научниот медицински журнал БМЈ Опен.

Еднаквоста во пиењето алкохол се објаснува преку промените во улогите на мажите и жените во општеството.

Студијата покажува дека кај луѓето родени во раните 1900-ти, мажите:

  • Повеќе од двојно пиеле алкохол во споредба со жените (2,2 пати повеќе).
  • Имале тројно повисока веројатност дека пиеле до проблематични количини.
  • За 3,6 пати поверојатно било да развијат здравствени проблеми поврзани со пиењето, како цироза на црниот дроб.

Но како поминувало времето, разликата се намалувала, па кај родените кон крајот на 20-тиот век, мажите:

  • 1,1 пати пиеле алкохол повеќе во споредба со жените.
  • Имале 1,2 пати поголема веројатност да пијат до проблематични количини.
  • За 1,3 пати поверојатно било да развијат здравствени проблеми поврзани со пиењето.

Тим од австралискиот Универзитет Нов Јужен Велс, анализирале податоци од луѓето низ целиот свет, сепак најголемиот дел се однесува на луѓето од Северна Америка и Европа.

Нивниот заклучок е дека „Користењето алкохол и болести од алкохолот историски се гледале како машки феномен“.

„Студијата ја доведува оваа претпоставка под сомнеж и сугерира дека, посебно младите жени, треба да бидат цел на конкретни напори да се намали влијанието на употребата на алкохолот и поврзаните штетни последици“, пишува во соопштението.

Професорот Марк Петикру, од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, објаснува за ББЦ дека улогите на мажите и жените се менувале низ декадите и тие се веројатна причина за некои од овие трендови – но не за сите.

„Зголемената достапност на алкохолот исто така игра значајна улога, како и рекламирањето на кое често е насочено кон жените, посебно младите. Здравствените експерти мораат да помогнат на јавноста – и на жените и на мажите – да ги разберат здравствените последици на употребата на алкохол и како да се намалат тие ризици“, изјавил Петикру.