Зошто односите денес се толку тешки? Зошто сме неуспешни во љубовта, без оглед на целиот труд кој го вложуваме? Зошто луѓето одеднаш станаа толку неспособни да одржат траен однос? Зарем заборавивме како да сакаме? Или уште полошо, зарем заборавивме што е тоа љубов?

Не сме подготвени. Не сме подготвени за жртви, компромиси, безусловна љубов. Не сме подготвени за се што е потребно за да функционира еден однос. Сакаме се да биде едноставно. Ние сме луѓе кои бргу се откажуваат.  Доволна е само една препрека за да не демотивира. Не и дозволуваме на љубовта да расте, ние си одиме пред време.

Тоа што го бараме не е љубов, туку возбудување и воодушевување во животот.

Ние сакаме некој кој ќе гледа филмови со нас и ќе се забавува, а не некој кој ќе не разбира, дури и во најдлабоката тишина. Заедно поминуваме време, но не создаваме спомени.

Не сакаме досаден живот. Не сакаме партнер за цел живот, туку некој кој баш сега ќе направи да се чувствуваме живи. Кога возбудувањето ќе исчезне, откриваме дека никој не не подготвил за приземување.

Не веруваме во убавината на предвидливоста, затоа што сме заслепени од возбудувањата. Проголтани сме од хаотичниот градски живот, а тој не ни остава простор за љубов.

Ние немаме време за љубов, немаме трпение да работиме на односите. Ние сме луѓе кои се фатени во вртлогот на трчањето по материјални работи и тука нема место за љубов.

Ние бараме инстантно задоволување во се што правиме – во работите кои ги објавуваме на интернет, во кариерата која сме ја одбрале, во луѓето со кои сме одбрале да бидеме. Сакаме зрелост во односите, која доаѓа со времето, емоционално поврзување коешто се развива со текот на годините и го сакаме тоа чувство на припадност, а едвај ја познаваме личноста.

Очигледно ништо не е вредно за нашето време и трпение, дури ни љубовта. Попрво би поминале еден час со стотина луѓе, отколку еден ден со една личност. Ние веруваме во повеќе избори. Ние сме друштвени луѓе. Повеќе сакаме да сретнуваме луѓе, отколку да ги запознаваме. Ние сме алчни. Сакаме да имаме повеќе.

Ние влегуваме во однос штом се појави и најмала привлечност и излегуваме од него штом најдеме некој подобар. Ние не сакаме да го извлечеме најдоброто од таа една личност. Сакаме да биде совршена. Влегуваме во врски со повеќе личности, но ретко кому даваме вистинска прилика.  Ние сме разочарани од  сите.

Технологијата не донесе толку блиску, што нам ни е речиси невозможно да дишеме. Нашата физичка присутност е заменета од текстови, гласовни пораки и видео повици. Ние не чувствуваме потреба заеднички да поминуваме време. И ова што го имаме е премногу. Немаме веќе за што да зборуваме.

Ние сме генерација на „залутани“ кои не сакаат да останат предолго на едно место. Секоја преданост создава фобија. Веруваме дека длабоките односи не ни се судени. Не сакаме да се смириме. Самата помисла е застрашувачка. Не можеме да си го замислиме животот само со една личност. Си одиме.

Ние ја презираме трајноста како да е општествено зло. Ние сакаме да веруваме дека сме поинакви од другите. Ние сакаме да веруваме дека не сме во склад со општествените норми. Ние сме генерација која себеси се нарекува „сексуално ослободена генерација“. Секс доаѓа лесно, а лојалноста не. А нам ни е потребно само привремено исполнување.

Односите веќе не се толку едноставни. Постојат отворени  врски, пријатели со поволности, врски за една вечер – оставивме толку малку простор за љубовта во нашите животи. Ние сме практична генерација која создава своја логика. Ние не знаеме како лудо да љубиме. Не би отишле во далечна земја само за да видиме личност која ни е драга.

Ги прекинуваме односите поради преголема оддалеченост. Премногу сме разумни за љубов. Премногу разумни за свое добро. Ние сме исплашена генерација – генерација која се плаши да се заљуби, која се плаши од обврски, генерација која се плаши дека ќе биде повредена и дека нашите срца ќе бидат скршени. Не си дозволуваме себеси безусловно да сакаме.

Се криеме позади ѕидови кои самите ги создадовме, во потрага сме по љубов и бегаме во моментот кога ќе ја пронајдеме. Одеднаш „не можеме да го поднесеме тоа“. Не сакаме да бидеме раниливи. Не сакаме да ја соголиме нашата душа пред никој. Премногу сме внимателни. Дури не ги ни цениме односите. Отфрламе прекрасни луѓе поради „останатите риби во морето.“

Не постои ништо што не можеме да освоиме на овој свет, а сепак, победени сме во играта на љубовта – еден од нашите најосновни човечки нагони. Велат, тоа било еволуција.