Денес приклучете се во акцијата "Час на планетата земја"

Македонија денеска со исклучување на осветлувањето на одредени локации во Скопје и Охрид по осми пат годинава ќе се вклучи во одбележувањето на големата светска еколошка акција „Час на планетата Земја“.

Осветлувањето во Македонија ќе биде исклучено во 20:30 часот по локално време во период од еден час кога во мрак ќе бидат над 178 земји и 7.000 градови во светот.  

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе бидат Плоштадот Македонија со спомениците, Порта Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Во Охрид, пак, без осветлување од еден час ќе бидат црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини.

Своја поддршка кон акцијата најави и Македонски телеком со исклучување на административната зграда во центарот на Скопје, како и цементарницата Усје која ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.

Организаторот на овој настан во Македонија соопшти дека годинава поради актуелната ситуација во државата е одлучено интензитетот на акцијата да биде намален, односно да бидат исклучени само одредени локации во Скопје и Охрид.

И оваа година, Македонија има свое место во глобалната видео реклама која се користи за светска промоција на акцијата, а вметнатиот инсерт од исклучувањето на плоштадот во Скопје може да се види во 00:26 секунда.

Со симболичното исклучување на осветлувањето во траење од еден час, милиони луѓе ширум светот ќе испратат порака за спас на планетата Земја.