Ден на море во Грција може да чини повеќе од 35 евра

Математиката покажува дека кога ќе се соберат сите десетдневни „ситни“ трошоци на плажа, сметајќи ги и оброците во еден од приморските ресторани, тие можат да изнесуваат повеќе од самиот комплетен туристички аранжман, анализира „Вечер“.

Ако сте решиле и оваа година летниот одмор да го поминете во некоја од најпопуларните дестинации на грчкото приморје, десет дена поминати на море можат да ве чинат повеќе од самиот аранжман.

Просечната цена на комплетниот аранжман во екот на сезоната е околу 300 евра по човек, додека во зависност од дестинацијата, за “ситните трошоци” потребно е да се издвојат дополнителни 35 евра и тоа за секој ден.

За чадор за сонце и лежалки на повеќето плажи нема да морате дополнително да дадете пари доколку нарачате пијалак, но за него треба да се издвојат околу пет евра, додека на нешто поексклузивните плажи ова задоволство може да чини повеќе од ноќевањето во еден просечен апартман. Па така, за ова на некои острови треба да се дадат 15 евра, не сметајќи го пијалакот, пресметува српскиот финансиски сајт Каматица.ком.

Доколку своето летување сакате да го дополните со некоја дополнителна содржина, како на пример одење на грчка вечер, крстарење или посета на некој ноќен клуб, според математиката на Каматица.ком за ова можете да потрошите и повеќе од 60 евра. За вечера во еден ресторан просечен пар плаќа околу 40 евра, додека за гиро е потребно да се издвојат до седум евра.

Кога ќе се соберат сите десетдневни “ситни” трошоци на плажа, сметајќи ги и оброците во еден од приморските ресторани, тие можат да изнесуваат повеќе од самиот комплетен туристички аранжман.