Демонстрантите се судрија со полицијата пред полициската станица БЕКО

Специјалните единици употребија шок бомби против демонстрантите, како одговор на нивните чадни бомби, во моментот кога тие се упатија кон полициската станица Беко со барање за ослободување на приведените 12 демонстранти од синоќешните протести. 

Откако полицијата ги спречи да се приближат до полициската станица, тие се упатија кон Владата, каде и го завршија својот протест со барањата за оставка на Претседателот Иванов, формирање на експертска влада и одложување на предвремените избори. За сега нема информации дали има повредени или приведени демонстранти во судирите.

Протестот организиран од 82 граѓански здруженија започна во 18 часот пред Собранието, а официјално заврши половина час подоцна, по што најголемиот дел од демонстрантите се упатија кон полициската станица. 

Организаторите во своите обраќања повикаа на мирен протест, но се оградија од одговорност за постапките на поединци.

Повеќе од четири часа траше протестот, а демонстраните поради полициските блокади, неколку пати ја сменија агендата за марширање за на крај да пристигнат пред Владата каде и го завршија протестот пред два часа.