Делегација од Австрија во посета на Општина Илинден

Делегација од Австрија составена од повеќемина пратеници, градоначалници и бизнисмени ја посети Општина Илинден, при што во конференциската сала на Домот на култура „Илинден“ оствари средба со градоначалникот на Општина Илинден, Жика Стојановски.

На средбата градоначалникот Стојановски на гостите од Австрија им го презентираше профилот на Општината, како и капацитетите и можностите за развој што ги нудат локалните економски зони, запознавајќи ги гостите со реализацијата на повеќе капитални проекти во областа на патната и комуналната инфраструктура, опбразованието, културата, спортот и други области.

Гостите од Австрија посебно се интересираа за локалниот економски развој на Општина Илинден, како и невработеноста од само 5 %, посебно интересирајќи се за начинот на кој Општина Илинден успеа да ги задржи младите во Oпштината, која за разлика од многу други општини во земјата бележи пораст на населението, кое денес брои околу 20.000 жители. 

На средбата беа разменети искуства околу начинот на егзистирањето на локалните самоуправи како во Австрија така и во Македонија, при што посебно беа лоцирани можностите за соработка.