Дејан Лилиќ ќе биде директор на културен центар во Истанбул

Министерката Канческа-Милевска во Истанбул учествуваше на втората конференција на Советот на министри за култура од ЈИЕ на тема „Зајакнување на културата за одржлив развој“.

Министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, деновиве престојуваше во работна посета на Турција каде што учествуваше на втората конференција на Советот на министри за култура од Југоисточна Европа кој се одржуваше на тема „Зајакнување на културата за одржлив развој“. На конференцијата меѓу другото беше усвоена заедничка декларација за „Заштита и одржливо управување на културното наследство“ и беше поддржан проект на Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција за регионална борба против илегалната трговија со културното наследство. Канческа-Милевска се сретна и со турскиот министер за култура и туризам, Махир Унал, а го посети и Македонскиот културен центар во Турција, сместен во репрезентативен објект лоциран на плоштадот „Таксим“ во Истанбул, за чиј прв директор е именуван актерот Дејан Лилиќ. Центарот ќе започне со работа годинава.

„Одлуката е донесена уште пред Нова година, а во овој период во тек е дипломатската процедура за акредитација. Откако ми заврши директорскиот мандат во МНТ, дел сум од ансамблот на Драмски театар и ги играм моите улоги во претставите од репертоарот и на МНТ и на Драмски“, изјави Лилиќ.