Децата секојдневно се жртви на патиштата. Преземаме ли се што е неопходно за да ги заштитиме нашите најмили?

Ги сакаме децата и ние и тие во Шведска. Ги сакаме исто, ама различно. Зошто?

Секојдневно на средствата за јавно информирање слушаме или читаме за страшни сообраќајни незгоди со загинати и повредени лица.  Нема човек кој може да остане рамнодушен на вакви несакани случки. Особено трогателни и шокирачки се вестите за загинати и повредени  деца  во сообраќајни незгоди.   Првото нешто што веројатно  ќе ви падне напамет кога ќе слушнете ваква вест е: „ Ох господе, зошто оваа невина душа?“  „Зошто оваа невино кутро дете?“

Да, навистина децата страдаат во сообракајни незгоди  не по своја вина. И законски, и етички, и морално, вината може да ја бараме кај возачите, кај родителите, кај одредени надлежни органи, кај целото општество, но не и кај детето. Дури и да погрешило, дури и да не знаело, детето не е виновно, виновни се сите други што дозволиле да погреши и што дозволили детето да се најде во таква опасна ситуација.

Безбедноста на децата во сообраќајот е сериозен предизвик за сите современи општества.  Според податоците на Светската Здравствена Организација сообраќајните незгоди претставуваат 10 причина за смртност кај  децата на  возраст  од  1 до 4 години, трета причина за смртност кај децата на возраст од 5 до 9 години и втора причина за смртност кај децата од 10 до 14 години.

 Шведска, која е позитивен пример за многу работи, пред некоја година  излезе со стратегија за нула деца жртви во сообраќајот и успеа во тоа.  Кај нас состојбата е сеуште загрижувачка. Во просек годишно  десетина  деца  го губат животот во сообраќајни незгоди.   Некој ќе рече: „Ние не сме Шведска.“  И во право е.  Не дека ние помалку  ги сакаме нашите деца или дека животот на  нашите деца е помалку вреден. Не.  Станува збор за систем на вредности, станува збор за целокупното функционирање на општествениот систем, станува збор за принципи.  Еве и зошто:

Децата страдаат во сообраќајни незгоди  како пешаци, како велосипедисти и како патници.   За децата пешаци и велосипедисти ќе зборуваме повеќе во некоја друга прилика. Во оваа прилика ќе направиме една кратка анализа и ќе се обидеме да одговориме на прашањето:    Зошто  кај нас страдаат  децата - патници  во сообраќајот?

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во патнички автомобил, на предното седиште, не смее да се превезува дете помало од 12 години.  Понатаму, според истиот закон, во патнички автомобил, на задното седиште, смее да се превезува дете помало од 5 години, во поставено посебно детско седиште, кое за седиштето од возилото е прицврстено со сигурносен појас или на друг соодветен начин.

Што се однесува до предното седиште, според ЗБСП, смее да се превезува дете до 2 години, ако возилото нема заштитно воздушно перниче, ако воздушното заштитно перниче е исклучено и ако детето се превезува во посебно детско седиште, поставено спротивно од правецот во кој се движи возилото и истото е прицврстено за седиштето во возилото, со помош на сигурносен појас со три точки на поврзување.

 Детето кое се превезува во детско седиште, секогаш треба да биде врзано со сигурносниот појас од седиштето.  Децата на возраст од 5 до 12 години задолжително седат на задното седиште врзани со појас.

Тоа е, тоа што вели законот. А што вели реалната слика, што вели праксата и секојдневието? 

Прво - за децата кои се на возраст од 5 до 12 години кои треба да седат на задно седиште врзани со појас.  Според некои истражување кај нас помалку од 1% од патниците на задното седиште користат појас, без разлика дали се деца или возрасни.  Тоа значи апсолутно непочитување на законот и апсолутна  небезбедност на сите патници на задните седишта.  Не треба повеќе да се коментира  на оваа тема.

 Второ - употреба на детски седишта,  по закон,  задолжително за деца до 5 години.  По закон едно, во пракса  многу ниско ниво на употреба на детски седишта.  Се поставува прашањето:  „Што прави детето кога не седи во седиште? “ - одговорот е:  Стои со главата помеѓу двете предни седишта или стои на задното седиште и гледа назад.  И едната и другата ситуација, крајно опасна.  При првото нагло  прикочување на возилото детето ќе биде прво повредено.

Тето - дете до 12 години не смее да седи на предно седишта, по закон . „ Ама ако плаче и несака да седи само позади,  па зошто и да не го земеме напред во скут  па и да се учи да вози и да се фали пред другарите?  Чудна логика, која секојдневно наоѓа примена,  ама и  многу,  многу опасна.  

Оние  пак кој ги возат децата на мотор  без кацига и не обезбедени, тие незаслужуваат никаков коментар.

На крај, која е поентата?  Поентата е:  Да.  Ги сакаме децата,  и ние и тие во Шведска, исто ни значат, и нас и ним,  само  свеста е различна.  Некои мислат навреме и прават се што е можно да се сведе ризикот на минимум, а некои тагуваат и страдаат цел живот. 

Се надеваме дека барем дел од читателите ќе извлечат поука и ќе сменат нешто во своите навики. Не за друго, за животот и здравјето на нивните деца.