Децата се справуваат со стресни ситуации полесно со домашен миленик во домот

Човековиот најдобар пријател може да биде и најдобар пријател на децата, во текот на нивниот развој. Истражувањето објавено во магазинот Social Development покажува дека децата се справуваат со стресот полесно, кога имаат милениче со себе.

Истражувачите од Универзитетот во Флорида во своето истражување опфатиле околу 100 семејства кои имаат деца на возраст од 7 до 12 години, а кои и поседуваат милениче во својот дом. На децата им биле дадени задачи поврзани со јавно говорење и математички тестови (задачи за кои е познато дека предизвикуваат стрес кај децата). Во таквите ситуации, до децата биле присутни нивните родители, нивното милениче или пак никој од нив. Притоа, истражувачите имале можност да го мерат нивото на кортизол (хормон на стресот) кај децата.

Било утврдено дека децата кои го имале своето домашно милениче покрај себе покажале помалку стрес за разлика од децата кои немале никаква поддршка. Ова е наведено во изјавата дадена од др. Дарлен Кертес – лидер на истражувањето. Според др. Кертес, интересно е тоа дека нивоата на стрес зависеле од тоа дали децата имале интеракција со своето милениче за време на задачата. Оние кои го галеле своето милениче или зборувале со него покажале значително пониски нивоа на стрес.

Резултатите од ова истражување ги надополнуваат многуте истражувања во оваа област кои покажуваат дека домашните миленичиња придонесуваат за намалување на нивото на стрес, анксиозност и депресија кај луѓето, а со тоа и намалување на осаменоста, но и ризикот од срцеви заболувања. Доктор Кертес заклучува дека како учиме да се носиме со стресот како деца има долгорочни последици на тоа како се справуваме со стресот во текот на целиот живот.