Деца предизвикале трагедија - маж се бори за живот на скопските клиники

Маж се бори за живот откако се обидел да спречи поголема трагедија во кумановската населба Карпош, кога деца во движење ставиле камион.

Од полицијата информираат дека настанот кај нив е пријавен во саботата околу 15,35 часот. Имено, две десетгодишни деца братучеди, влегле во паркирано товарно возило „там“, по што едно од децата го притиснало квачилото, а камионот се придвижил.

Во соседниот двор седел 38-годишниот О.Д. кој кога видел што се случува станал да им помогне на децата. Мажот ја отворил левата врата од камион со намера да се качи, но бил притиснат на бетонски столб. Камионот потоа удрил во бетонска ограда и метална врата од куќа, по што запрел.

На повредениот О.Д. помош му пружил сосед, кој повикал Итна медицинска помош со која бил пренесен во Медицинскиот центар во Куманово. Поради сериозноста на повредите, опасни по живот О.Д. како итен случај е пренесен во Клиничкиот центар во Скопје.

Полициски екипи извршиле увид на местото на несреќата.