Дебата за членството во НАТО: Безбедноста и стабилноста на земјата се основа за економски развој

НАТО значи стабилност, безбедност, траен мир, ние сме практично  членка на Алијансата, а де јуре треба уште Шпанија да ја заврши ратификацијата на Протоколот за нашето полноправно членство, рече премерот Зоран Заев, кој заедно со амбасадорот на Кралство Холандија во Скопје, Дирк Јан Коп учествуваа на НАТО Караванот и дебатата со студенти од Филозофскиот факултет на УКИМ на тема: „Патот до членството во НАТО: од изолирана до интегрирана земја“.

На дебатата со студентите премиерот Заев и амбасадорот Јан Коп се осврнаа на придобивките од членството на земјава во НАТО како полноправна членка на најмоќниот воен сојуз во светот.

Премиерот Заев даде посебен осврт врз економските придобивки. Економскиот раст, потенцира, зависи во голема мера од способноста на земјата да обезбеди одржлив мир и стабилност, односно долгорочната безбедност и политичка стабилност.

– Безбедноста и стабилноста на земјата се основа за економски раст и развој. Тоа влијае и врз подобрување на кредитниот рејтинг на земјата и зголемување на домашните и странските инвестиции кои отворат нови работни места, раст на извозот и трговијата и побрз економски раст. Со тоа нашата економија е конкурентна на големиот европски пазар, кој претставува најголем трговски партнер на Северна Македонија и во која поголем број се членки на НАТО, истакна Заев.

На дебатата премиерот Заев информира и дека добил цврсти уверувања од премиерот на Шпанија Педро Санчез дека ратификацијата од нивна страна ќе биде завршена наскоро и со тоа ќе се официјализира нашето полноправно членство.

За амбасадорот Дирк Јан Коп секогаш е важно да разговара со студентите затоа што, рече, за 20 години студентите ќе владеат со земјата, ќе ја водат Северна Македонија како лидери, но и како земја членка на ЕУ.

– Не мора да ми верувате, но ќе мора да ме сослушате, им рече амбасадорот Јан Коп на студентите и во обраќањето се осврна на практичните придобивки и стабилноста која произлегува од членството.

Потенцирајќи дека Северна Македонија припаѓа во Европа културолошки, историски и економски, тој меѓу другото истакна дека е импресиониран од реформите и напредокот што се направени во нашата држава.