Давид Марков е фотограф од Полска. Професионално се занимава со комерцијална фотографија, најчесто фотографира мода и убавина. Овие неколку денови е во Скопје каде што ужива во историјата на градот, модерните градби, убавото сонце и гостопримливиот народ. 

Деновиве за време на посетата на Давид во Скопје, имавме прилика да седнеме со него и низ разговор за Скопјеинфо да ни раскаже за неговите впечатоци од главниот град. На почетокот на нашиот разговор тој ни кажа дека многу сака да патува, а за време на својата посета во Србија решил да продолжи понатаму. Па, откако ја посетил Босна и Херцеговија, стигнал и во Македонија.  За Скопје вели дека е убав град,со многу различности, но и дека воодушевуваат позитивните вибрации кои ги носат граѓаните. 

-Пред да дојдам тука знаев многу малку работи за Скопје, како неколку историски факти генерално поврзани со страшниот земјотрес од 1963 година, Интересно е тоа што во Скопје може да сретнеш многу стари згради, измешани со новите градби и со ониe кои што во фаза на изградба. Впечатлив е и за мене привлечен и интересен бројот на споменици и фактот дека Скопје е град кој што постојано се гради. Сите овие елементи во комбинација со силното сонце даваат неверојатен ефект, посочува Давид. 

Старата зграда на Македонската пошта во центарот на Скопје е објект кој што го задржал неговото внимание. Таа зграда го потсетувала на историјата, а такви згради ретко се наоѓаат во Полска и во другите балкански држави.Како што тој вели, таму се е ново и модерно.

На крајот од разговорот раскажува дека луѓето кои што ги сретнал се топли, гостопримливи и расположени да помогнат и покрај јазичните бариери. Јавниот транспорт му бил најголем предизвик додека престојувал во Скопје, а силен впечаток му оставила и сообраќајната некултура на возачите, пешаците и непочитувањето на сообраќајните правила. 

-Купувањето билет и употребата на јавниот транспорт за мене беше најпредизвикувачка работа во Скопје и токму поради тоа решив да го прошетам скоро целиот град пешки. Една работа ми остана во глава и верувајте не можам да го разберам тоа, е тоа што луѓето преминуваат преку улицата кога свети црвено на семафорот за пешаци, а од се тоа што го видов можам да заклучам дека сообраќајната култура и кај возачите е на многу ниско ниво, најголем дел од нив не обрнуваат внимание на сообраќајните правила и прописи и не ги почитуваат останатите учесници во сообраќајот, заврши Давид. 

Повеќе фотографии од Скопје може да најдете на неговота веб страна, истаграм или фејсбук.