За прв пат откако е во Вардар, Дарко Велковски беше капитен на „црвено-црните“. Стручниот штаб му ја додели таа улога на натпреварот со Работнички.

До влегувањето на Глигоров во 60. минута, 22-годишниот репрезентативец ја носеше лентата на својата рака.

– И покрај тоа што имаше поискусни од мене на теренот, сепак, стручниот штаб непосредно пред мечот ми соопшти дека јас ќе бидам капитен на тимот. Бев пријатно изненаден од оваа одлука, но ја прифатив одговорноста. Кога си капитен на екипа која што има најмногу титули, таква голема историја каква што има Вардар, тогаш таа улога има специфична и голема тежина. Сепак, чест ми е што ми беше доделена оваа улога и се надевам дека добро ја исполнив. Голема одговорност е да се биде капитен на Вардар, но во исто време и чест, истакнува Велковски во изјавата за клупската веб страница.

Тој стана четвртиот капитен сезонава за Вардар на официјалните натпревари, откако претходно таа улога ја имаа Бобан Грнчаров, Никола Глигоров и Дејан Блажевски.