Данијела Мартиновиќ и Нокаут ќе ги забавуваат карпошовци

Во организација на Општина Карпош, утре, сабота (01.10.2016) со почеток во 12.00 часот, пред платото на Skopje City Mall ќе започне традиционалната манифестација „Ем умеам, ем можам". Веќе по 14-ти пат со поддршка на локалната самоуправа, ќе се постават 40 штандови, на кои ќе бидат изложени производите на 15 домашни занаетчии, како и артиклите на 25 реномирани македонски производители.


Што се однесува до културниот блок, напладне ќе започне детската програма со многу музика и танци, во изведба на дечињата од градинките и основните училишта од Општина Карпош.

Забавата за повозрасните, започнува во 18.30 часот со концерт на популарната македонска поп- група „Нокаут", кои ќе бидат одлична најава за мегаконцертот на хрватската поп ѕвезда, Данијела Мартиновиќ кој ќе започне во 20.30 часот.

Бидете и Вие дел од добрата забава. Понесете ја со себе својата насмевка и доброто расположение. Секако, влезот е слободен.