Даниел Трбогазов: Идејата е „Осветли го Скопје“ да стане интернационална атракција со голема посетеност

Интервју со Даниел Трбогазов, организатор и иницијатор на рекреативниот настан „Осветли го Скопје“ 

Оваа сабота од 20 часот ќе се одржи "Ноќно искачување до Милениумскиот крст на Водно" со убав и интересен наслов „Осветли го Скопје“. Настанот се организира пет години по ред и секој пат е се помасовен. За прашања поврзани со „Осветли го Скопје“ во денешното интервју разговараме со Даниел Трбогазов, организатор и иницијатор на настанот. 

Скопје Инфо: Најнапред што е „Осветли го Скопје“ и од каде идејата за еден ваков интересен настан?

Даниел Трбогазов: Осветли го Скопје е рекреативен настан, кој од година во година расте  и се надоврзува стално со многу изненадувања и различна прикаска. Пред се овој настан е вечерно планинарење на полна месечина.

Настан кој традиционално се одржувана на планината Водно веќе 5та година по ред.

Идејата за овој настан доаѓа од немањето услови за рекреација  преку ден во теккот на топлите летни периоди, каде преку ден температурите се високи и рекреацијата не е пријатна.

Скопје Инфо:  Се чини дека настанов полека преминува во убава и сериозна традиција во Скопје. Кои се плановите за во иднина?

Даниел Трбогазов:  Целта за во иднина е да достигнеме голема постеност и овој настан да стане интернационална атракција,  за која цел свет ќе зборува за убавата прошетка на полна месечени високо над Скопје. Една од целите, е да го искомерцијализираме вечерното планинарење како тренд, ширум светот.

Скопје Инфо:  Во Скопје секојдневно се организираат различни спортски иницијативи и манифестации, што е тоа што „Осветли го Скопје“ го прави поразличен од другите?

Даниел Трбогазов: Осветли го Скопје не е со натпреварувачки карактер, за разлика од многуте спортски настани, овој настан е со рекреативна цел, што значи за да се учествува на оваа вечерна прошетка не ви е потребна сериозна физичка подготвеност. Не се брзаме никаде, целта е да уживаме во природата заедно со нашите блиски.

Скопје Инфо:  Ноќното искачување на Водно е посебен предизвик. Има некој интересен момент кој би сакал да го споделиш со читателите на Скопје Инфо?

Даниел Трбогазов: Особено ми е драго што, на овој настан запознав премногу прекрасни луѓе. На последното искачување дознав мала прикаска за едно душтво од 10тина позитивни луѓе кој се запознале на овој настан и од тогаш заедно се дружат и заедно шетаат по убавите планинарски тури низ Македонија. Има многу да се зборува, затоа што секој настан се памети по неговата уникатност.

Скопје Инфо:  Освен спортскиот момент, има ли овој настан социјален момент? Колку има дружење и комуникација на ноќните искачувања на Водно?

Даниел Трбогазов: Овде можам да го издвојам фактот дека поголемиот број на посетители се од понежниот пол, според статистиката на половата посетеност 60% од посетителите на насстанот се женски. Дружење и забава има секогаш, и тоа ме радува.

Скопје Инфо:  Сабота пред полноќ е одлично време за кафуле, пиво или алкохол.  Кои се твоите аргументи: зошто Водно, а не диско во сабота?

Даниел Трбогазов:Затоа што промената започнува кога ќе ја разбиеме монотонијата на репетативниот начин на социјализација. Овдека започнува трансформацијата на лошите навики со здрави навики.  Тоа незначи дека треба да го изоставиме кафето, но зошто да не направиме и дружба на Водно а притоа да пиеме од вкусниот планински чај.

Скопје Инфо:  Подолго време се занимаваш со спорт. Кажи ни на кратко како спортот и спортските активност влијаат на развој на духот и карактерот на младите луѓе.

Даниел Трбогазов: Физичката активност е фундиментална за нашето постоење и виталност воедно. Затао и неможеме да го занемариме фактот дека секој спорт може да придонесе со позитивно влијание на целата наша психофизичка состојба. Особено планинарењето кое се одвива во природна средина каде дишеме и  чист воздух. Спортувањето го препорачуваат сите лекари, гуру учители и филозофи, затоа не ја пропуштајте шансата да бидете физички активни , затоа што задоволство е да се биде фит.

Скопје Инфо:  Скопје е убав град кои нуди многу можности за спорт. Кој е изборот на Даниел Трбогазов за спортска активност? Водно, кеј...или?

Даниел Трбогазов: .  Јас периодично ги менувам моите рекреаттивни цели, во одредени период од годината тренирам фитнес, во летните и топли периоди преферирам пливање и прошетка на планина, велосипедот го користам стално како превозно средство, но и обожавам и да заминам на некоја планинска тура со велосипеди. Мојата  филозофија е да се грижиме за нашето здравје и да бидеме физички активни на било каков начин за да ја задржиме нашата виталност и во длабоката старост.

Скопје Инфо:  И на крајот која е твојата порака до младите луѓе поврзана со спортот и здравото живеење?

Даниел Трбогазов: Можам несебично да ги споделам моите три основни  совети, затоа што убавината зависи од нашиот личен избор.

Тренирајте правилно
за да го избегнеме ризикот од повреда и за успешно санирање на старите  механички повреди. Со цел за подобрување на квалитетите на нашето физичкото здравје. 

Работете напорно
Кога станува збор за  вложување во себе, тогаш сите ние  работиме напорно и веруваме дека дисциплината е нашата најголема мотивација. 

Уживајте во тоа што го правите
Позитивната енергија е отсјајот од резултатите што ги достигнуваме.

Затоа што, задоволство е да се биде ФИТ.