А дали вие ги сакате вашите родендени?

Пред неколку дена го прославив својот 33-ти роденден. Јас обожавам родендени. Тие за мене се потсетник на времето кое проаѓа и некои луѓе се плашат од тоа, но времето течело и ќе тече. И нека тече, па тоа му е работа. Времето понекогаш носи прекрасни работи.

Мислам дека ова е прв роденден на кој не сум заплакала. Прв роденден кога успеав да го поднесам и недостасувањето и непостоењето. Среќна сум. Толку многу работи ми се случија во една година живот. Толку пати се победив себеси. Ја вратив безгрижноста во себе, која долго време спиеше некаде длабоко во мене. Добив некои прекрасни честитки, бакнежи и прегратки. Добив и прекрасни зборови. А јас обожавам зборови.

Се погледнав во огледало и видов дека сум станала речиси сѐ што сум сакала да бидам кога ќе пораснам. Го живеам животот кој го сакам. Живот кој на многумина и не им е баш јасен. Но, живот кој е само мој. Живот во кој не се плашиш да носиш одлуки и во кој никој не управува со твоето време.

Триесеттите години се прекрасни години...

Години кога воопшто немаш проблем да се ослободиш од она што те притиска. 

Години во кои знаеш дека сам на себе си најдобар пријател и дека имаш обврска да се грижиш за себеси, а дури потоа ќе можеш да се грижиш и за другите. 

30-тите се години кога јасно умееш да ги искажеш своите чувства. Кога не се замараш со глупави приказни за себе, за моралот, за своите избори. 30-тите години се години кога немаш потреба да се објаснуваш и да се правдаш. За ништо.

Секоја моја следна година беше подобра од претходната. Со секоја нова година од животот јас сѐ повеќе станував јас, а сѐ помалку бев она што другите сакаа да бидам. 

18-тата година беше последна година кога го поминав роденденот плачејќи за некој тип таму. И се напив алкохол затоа што тој не ме сакал мене. Тогаш не можев да препознаам дека јас всушност не го сакав него, туку неговото одбивање ми ја повреди суетата. А суетата е многу лоша работа ако не научиш да ја успиеш на време. 

Не ми недостасува речиси ништо од моите претходни години. Ми недостасуваат некои пријатели кои животот ги однесе на друг пат. Ми недостига тој малку безгрижен и бестрашен дел од мене. Но, малку животот те смирува, малку човек се смирува сам себе. Ми недостигаат летните распусти и седењето на клупа со другарките. Ми недостига возбудувањето за секој нов ден. Сега се заменети со некои позрели чувства, позрели моменти. Па наместо треторазредно пиво со другарките на клупа, сега пиеш чаша вино на балконот во твојот стан. А и другарите и другарките пораснаа, што е сосема нормално.

Понекогаш ми недостигаат пеперутките кои можеш да ги имаш само на 18 години, кога симпатијата случајно ќе те допре при разминување или кога ќе седне до тебе на клупа. Наместо тоа, учиш да не чекаш допири, туку веднаш и без страв да го бакнеш оној кој ти се допаѓа. 

Тоа веројатно се нарекува растење и не е секогаш забавно, но е помалку комплицирано. 

Годините се прекрасна работа. Со годините учиш како се живее животот и стануваш сѐ подобра. И учиш како подобро да се радуваш, да се будиш и да љубиш. Годините носат нови работи. А новите работи те тераат да учиш нови работи за себе.

И затоа сакајте ги своите родендени. Тоа не е себично. Сакајте го своето време. Времето знае да донесе прекрасни работи ако знаете како да го чекате.