Дали тоа што ќе стигнете 5 минути порано е поважно од вашиот и пред се, од животот на вашите деца?

Од пред некој ден во главата ми се мотка само една мисла. Зарем тоа што ќе стигнам некоја минута порано, на одредена дестинација е поважно од мојот живот, од животот на моите деца и на мојата сопруга?

Сите добро го знаеме утринскиот метеж во Скопје. И јас исто, како и поголемиот дел од возачите во градот сум нервозен кога ќе седнам зад воланот. Ме нервира застанувањето на секој чекор, несовесни возачи, пешаци, секој поминува каде сака, секој брза, и секој легнува на сирената. Мислејќи ако згази на сирената дека така побрзо ќе стигне.

И тоа утро, како и сите претходни. Со сопругата тргнуваме за на работа, син ми го оставам во училиште, ќерка ми во градинка. Тргнавме на време, но ете... Скопје како Скопје. Веќе почна да ме фаќа нервоза. Почнав да кажувам пцовки, да свирам, да брзам, да поминувам каде ќе стигнам, за пешаците не ни размислувам... Таман да поминам да семафор, ми се вклучи црвено, е си велам не стојам, и да појдам, пред мене излезе жена, пешак, на која и е зелено за поминување на улица. Секунда фалеше за да ја згазам. Отворив прозорец па уште и викам, да внимава... Децата се тресат, сопругата исто, а јас сум силниот херојот во оваа приказна. Морам да стигнам пет минути порано... Гас колку можам, не застанав на ниту еден семафор, и таман да застанам пред градинката на ќерка ми, ете ти полиција... Ме казнува, финансиски. И не ми е прва казна, еден куп имам платено. Ги оставив сите и јас последен. Влегувам во својата канцеларија и по навика отварам да видам што има ново, да прочитам вести... Прва ударна вест од рано наутро: Загина четиричлено семејство во сообраќајка. Знаете кога ми дојде некоја вода на чело, некоја мака во желудникот, си помислив и ние можевме да бидеме тоа. И не само денеска, секој друг ден... Зарем тоа што ќе поминам на црвено, и ќе стигнам порано е поважно од нашите животи? Парични казни? Не! Да ми го земат автомобилот и да ми удрат ќотек!