Дали социјалната пензија ќе ја намали сиромаштијата во земјава?

Сите граѓани кои се постари од 65 години, кои не ги исполниле условите за пензија и не работеле ниту ден, оваа година ќе добијат државна пензија.

Тоа нема да се однесува на оние кои се во брак или живеат во вонбрачна заедница, а чиј партнер веќе ужива пензија. Таа категорија граѓани, според Владата , не е социјално загрозена и нема да може да добива социјална пензија.

Законот за социјална сигурност на постари лица стигна во Собрание и за него ќе се гласа по скратена постапка. Имено, со него е пропишано државната социјална пензија да изнесува 6000 денари месечно или (96,7 евра) и еднаш годишно да се усогласува со трошоците на живот.

Услов за добивање на оваа пензија е лицето да биде државјанин на Северна Македонија и во земјава да живее во последните 15 години.

Социјалната пензија тешко ќе ги спаси пензионерите од сиромаштија. Од Сојузот на здруженија на пензионери сметаат дека нема достоинствен живот без најмалку 12.000 денари месечни примања, што е двојно повеќе од износот предвиден за социјална пензија.

“Се очекуваше со таа државна пензија да бидат опфатени околу 40.000 луѓе кои имаат помал стаж од 15 години. Сега, со најновиот Закон за социјална пензија ќе бидат опфатени само околу 4.000 лица. Тоа, сепак, е мал број луѓе кои немаат дополнителни приходи. Мора да се преземат, не само ова што се предвидува да земаат 6.000 денари, туку и некои други бенефиции за да може тие луѓе да опстануваат, да имаат колку толку еден достоинствен живот. А сега, во  вакви услови, достоинствен живот за пензионерите без најмалку 12.000, 13.000 или 14.000 денари пензија тешко ќе може да се остварува”, вели Драги Аргировски, претседател на Здружение на пензионери на Македонија.

Од Министерството за труд потенцираат дека главната цел на законските измени е зголемување на ефективноста на паричните давања за оваа категоријана граѓани и намалување на процентот на сиромаштијата кај лицата над 65 години, кои не можат да обезбедат средства за егзистенција по други основи.

Според анализата на Институтот за економски истражувања Фајнанс Тинк социјалната пензија е под праговите на сиромаштија, поради што таа нема позитивно да влијае врз сиромаштијата на старите лица.

Доколку целта е да се намали релативната сиромаштија, Институтот предлага да се олабават одредени критериуми, како на пример, да се дозволи социјална пензија и во случај кога едниот партнер има одредени минимални примања. Или, пак, кога двајцата партнери го исполнуваат условот, секој од нив да добие социјална пензија. При тоа, и во двата случаи вкупниот приход во семејството да не надминува 10.600 денари.

За пензионерите важно е со мерката да се опфатат што поголем број луѓе за да се намали сиромаштијата.