Дали смеам да бидам сама и среќна?

Сѐ во животот има свои добри и лоши страни. Различни луѓе различно гледаат на некои работи, па себеси си ги објаснуваат на начин кој нив им е најблизок. Секој ќе си објасни себеси некаква појава во зависност од мноштво фактори: воспитување, систем вредности, лично или туѓо искуство, околностите во кои живее...

Живеам во општество коешто го цени заедничкиот живот со партнер/партнерка и тоа многу го цени. Од мали нозе ги усмеруваме децата дека треба да се насочуваат кон тоа да го поминат животот со некого. Секако, родителите предвидуваат сѐ за своето дете, затоа што мора да се има некако ред, иако нели цело време велат дека им е важно само детето да биде живо и здраво. Не. Тие очекуваат сѐ да си оди по својот тек (читај: нивниот тек). Не по текот на личноста која го живее тој живот, туку текот кој го замислиле луѓето кои му го дале тој живот. Што би рекле на шега: „Јас те родив, јас ќе те убијам“.

Роди се, заврши основно, па средно училиште, факултетот е пожелен, вработи се, венчај се, роди (едно/две/колкусакаш, само роди), живеј, плаќај кредит и кирија, крпи крај со крај и чао. Само не можам да сфатам кога успева човек да живее помеѓу сите тие делови.

Јас имав среќа што моите родители не ме усмеруваа така. Никогаш не ме прашуваа кога ќе се мажам и кога планирам да раѓам деца. Фала им за тоа. Навистина го ценам тоа кај нив. Тоа не мора да значи дека го сакале или не го сакале тоа во длабочината на нивната душа, само едноставно не ме замараа со тие глупости. Јас немам никој. Барем не во таа мисла. Не ми недостига никој. Имав, а сега немам.

Верувам во љубов.
Верувам во убавина.
Верувам.

Највеќе верувам во себе и во своите желби и потреби.
Верувам и во своите граници. Нив највеќе ги сакам и познавам. Тие се мои. Сама си ги поставив и точно знам која каде стои и зошто стои така. Учам од своите искуства, но и од туѓите.

Јас не познавам среќни луѓе во пар. Не, тоа не е моја проекција, не е мое мислење. Тоа се луѓе кои се смејат, а тонат одвнатре. Се изневеруваат, се тепаат, се караат, се обидуваат меѓусебно да се променат. Се обидуваат, но без успех. И без среќа. Многумина самите ми кажуваат дека заедничкиот живот им е лош, но дека остануваат затоа што така е полесно. Тоа им е позната територија. Но, не се занимавам со нив, се занимавам сама со себе.

Себе се поставувам во тој контекст.
Не ми треба никој.
Не ми треба никој да ме замара, ниту да ми угодува.
Да ми се најде. Да ме дочека. Не.

Сакам да дојдам во празен стан. Чист, со ролетната наполу спуштена.
Не мислам дека ми е „време“.

Дури и кога имав дечко, јас бев сама. Секогаш бев среќна кога ќе останев сама дома. Имав некои свои мали ритуали кои си ги обожавав. И обожавам да спијам сама, обожавам кога креветот е само свој. Тоа е секогаш така.

Едноставно не сакам да правам компромиси. Не сакам да се препукувам со некого. Па тогаш ми велат: „Па добро бе, тоа не е заеднички затвор, сѐ е работа на договор, ако се сакате, ќе ги решите сите проблеми.“ Аха. Можно е, не велам не. Им верувам јас, ептен им верувам. Само мислам дека тоа е неприменливо на мене. Ништо повеќе и ништо помалку.

Немам страв од тоа дека ќе „умрам сама“. И онака ќе умреме сами. Тоа нема врска со тоа дали сме или не сме со некој. Сами живееме, сами се раѓаме. Тоа е така. Не сум го измислила тоа јас сега.

Не сакам животот да ми пројде во потрага на идеалниот. Еден живот имам и јас сакам мирно да го проживеам. Ако може. А знам дека може. И треба.

Имам сѐ што ми е потребно и тоа во формата која мене ме задоволува.
Имам пријатели и пријателки.
Имам со кого да шетам и да јадам пица и да одам на пиво.
Имам секс.
Патувам. Ги правам работите кои навистина ги сакам.
Спијам попладне. Мирна сум. Исклучително ми се важни мојот сон и мир.
Здрава сум. Добро сум. Фала на прашање.
Не сум осамена.
Не морам да се ставам во позиција да избирам, да одлучувам...

Вака ми е поедноставно. И поубаво. И затоа бирам ваков живот.
На нив им е поедноставно да останат во односи кои ги гушат, а мене ми е поедноставно да не ни влегувам во такви односи.
И на сите ни е добро.
Или сепак не?