Дали сме осудени на ниски плати и примања?

Дали владината мерка за зголемување на платите во приватниот сектор има ефект? Работниците чекаат повисоки плати, работодавачите прават пресметки.

Надлежните велат минималната плата ја добиваат сите и законот ги дава очекуваните резултати, а дел од работниците веќе почнаа да се жалат на злоупотреби.

Државата со цел да обезбеди загарантирана исплата на минималната плата од 14.500 денари, обезбеди средства за субвенционирање на компаниите, а преку Управата за јавни приходи воведе нов систем што не овозможува исплата на плати под оваа сума.

И покрај ова, интересот на компаниите за добивање субвенции од државата е релативно мал. Објаснувањата се движат од тоа дека компаниите имаат средства за да ја исплатат платата, дека не исполнуваат услови, до тоа дека се плашат од инспекциски надзор.

Од друга страна, од МТСП посочуваат дека и покрај релативно малиот интерес на компаниите, Законот за минимална плата го дал својот ефект и оти над 88 илјади работници добиле минимална плата.

Дел од работниците се принудени на газдите да им вратат на рака дел од парите, и најчесто не се охрабруваат да говорат за тоа и да ги пријават злоупотребите. Ова особено е присутно во текстилните, кожарските и чевларските компании, каде е и најголем бројот на работници кои добиваат минимална плата.

Барањето на газдите, работниците на рака да им вратат дел од минималната плата е кривично дело, посочуваат надлежните и граѓанските организации за заштита на правата на работниците и барааат тие да ги пријават злоупотребите и да сведочат. Во спротивно велат, никој не може да им помогне.