Дали Роналдо сепак ќе игра на Суперкупот во Скопје?

Кристијано Роналдо подоцна се приклучи на подготовките на Реал Мадрид и се веруваше дека тој ќе го пропушти Суперкуп натпреварот во Скопје, но некои информации на шпанските медиуми велат поинаку.

Поради настапот на Купот на Конфедерациите, Кристијано Роналдо подоцна ги почна подготовките за Реал Мадрид и не одигра ниту еден натпревар од пријателските средби.

Тој напорно тренера, но дали за натпреварот од Суперкупот на УЕФА против Манчестер јунајтед, или за дуелите од Суперкупот на Шпанија против Барселона.

Поделени се извештаите на шпанските медиуми, некои сметаат дека Роналдо нема шанси да настапи во Скопје, негов прв меч во новата сезона ќе биде на 13. август против Барселона во првиот натпревар од шпанскиот Суперкуп.

Но, некои сметаат дека тој напорно работи за да биде подготвен за средбата со неговиот поранешен клуб Манчестер јунајтед и сонародникот Жозе Мурињо со кој работеше во Реал Мадрид.

Најдоцна во понеделник, но можеби и уште утре ќе се знае дали Роналдо ќе истрча на „Филип Втори“ Арената во Скопје.