Дали некогаш елитниот ГТЦ го губи својот сјај?

Сликата од ГТЦ од минатото и денеска е многу различна. Некогаш се бараше дуќан повеќе, а сега половина од нив се празни. Со месеци, па дури и години на нив е залепено дека се издаваат или пак продаваат. 

Дел од сликата во Градскиот Трговски центар во Скопје се испразнети објетки и написи дека дуќанот се издава или се продава. Економистите сметаат дека улога има намалената куповна моќ на граѓаните, но дуќанџиите сметаат дека намалениот промет се должи и на лоши политики.

Дел од дуќанџиите сметаат дека се под притисок на лошите состојби со Градскиот Трговски Центар и оти сè помал број од нив кои работат од утро до вечер успеваат да опстанат. Нивната разочараност од паѓањето на малопродажбата е видлива и за купувачите кои се соочуваат со помал избор на брендирани продавници, а дел од сликата, особено на погорните катови се многу испразнети објекти и написи дека дуќанот се издава и чека нови сопственици. Некогаш елитниот центар денес е тешко привлечен за нови трговци, велат дуќанџиите кои тука егзистираат од самите почетоци.

Дуќанџиите посочуваат дека еден од главните проблеми е нерешената сопственост и косопственост. Кириите од Нова година се движат од 10 до 12 евра за квадрат, додека порано тие изнесувале од 50 до 100 евра. Сè зависи од локацијата, но на помалку атрактивните катови, дуќани сега се издаваат и за 7 евра за квадрат. Незадоволството од состојбите го споделуваат поголемиот дел од луѓето кои работат во ГТЦ, но не сакаат да зборуваат пред камера, стравувајќи од дополнителни проблеми. Тие што се согласија да говорат анонимно, прстот за лошите состојби го вперија повторно во менаџментот, нагласувајќи дека не се преземаат адекватни мерки за да се зголеми атрактивноста на трговскиот центар во кој наместо ексклузивни производи сè почесто се изложени и такви производи кои може да се сретнат речиси на сите помалку фреквентни локации.

Економистите сепак сметаат дека суштинска причина за ваквата состојба со ГТЦ е намалената куповна моќ на граѓаните, лошиот стандард, политичката криза која иницира неизвесност и за перспективите на економијата.