Дали идниот претседател на Македонија ќе биде жена?

Радмила Шеќеринска, Солза Грчева, Тања Каракамишева, Гордана Силјановска, Фатиме Фетаи, Мирјана Најчевска, Мирјана Лазаровска…ова се имиња на успешни професионалци и моќни политичарки, секоја поддржана од голема група истомисленици, кои освен што се силни интелектуалки и децентни дами, имаат уште еден заеднички именител.

Сите тие се можни кандидати за претседател на Македонија. Се разбира, ниту една од нив официјално не ја потврдила својата кандидатура, ниту пак јавно ја покажала амбицијата за највисоката функција во државава, но судејќи според мислењата на граѓаните, како и на нивните следбеници на социјалните мрежи, извесно е дека би имале сериозна поддршка од гласачите.

Иако до истекот на мандатот на актуелниот претседател на Република Македонија, Ѓорге Иванов, има уште неколку месеци, во јавноста веќе се скенираат личностите кои би можеле на свој грб да го понесат товарот што го носи шефот на државата. И она што е многу интересно, за првпат се споменуваат толку жени.

Професорката Мирјана Најчевска, која е познат борец за родова еднаквост, во изминативе недели на својот фејсбук-профил неколкупати покрена јавна дискусија на оваа тема.

– Е јас не сум ни за Стево ни за Денко. Мислам дека е редно да добиеме претседателка. На протестите имаше повеќе жени од мажи. Жените го срушија режимот. Редно е да го разбиеме патријархалниот модел не само на улица туку и во институциите. Жена за претседателка, напиша Најчевска и покрена сериозна дискусија.

Со сличен став се и граѓанските активисти. Наташа Доковска од „Новинари за човекови права” вели дека сепак, во македонското традиционално општество, авторитетот на мажите има првенство во однос на вистинските ставови на висококвалитетни жени кои би можеле да бидат во функција на претседателот на државата.
Доковска се повикува на некои истражувања, според кои, жените се помалку заинтересирани за политиката отколку мажите и тешко се идентификуваат со интересите на владеењето на политиката и нивниот кадровски кандидат, во кој машката солидарност и бројната супериорност ги туркаат жените од каналот за политичка промоција.

– Сепак ми се чини дека нашето општество веќе е зрело за жените лидери. Досегашната неинволираност во оваа сфера делумно лежи и во самата жена. Имено жените самите се одговорни за таква позиција, бидејќи им даваат првенство на мажите, иако сметаат дека се подеднакво способни за извршување на функцијата…Денеска има жени претседателки и во многу понеразвиените демократии и верувам дека и Македонија може да “извади# жена претседател и да биде пример за тоа како се води државата, што за мене е еквавилент за водење семејство…Се надевам дека мажите нема да ме сфатат погрешно, но од секогаш важело дека за семејството да биде “на број, потребна е силна женска рака”, вели Доковска.

Таа додава дека за неа, профилот на жена претседателка е умерена интелектуалка која ќе се грижи за државата како за сопственото семејство…

Според интерни истражувања на весникот Вечер, Шекеринска, Грчева, Каракамишева, се три од кандидатките кои би можеле да ги засенат нивните колеги и да ја освојат вилата „Водно”.

Вицепремиерката и министерка за Одбрана, Радмила Шеќеринска, е политичарката за која јавноста наголемо зборува дека е сигурен претседателски кандидат. Во својата богата политичка кариера извршувала голем број високи партиски и државни функции. Иако беше претседателка на СДСМ од 2006 до 2008 година, сепак, најголем успех нејзината кариера достигна во периодот од 2002 до 2006 година кога беше заменик-претседател на Владата, задолжен за европска интеграција и координатор за странска помош. За време на тој нејзин мандат, Република Македонија го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската Унија. Денеска таа е потпретседател на социјалдемократите. Позната е по стилот на облекување и скапите парчиња облека, чии етикети успева успешно да ги скрие и да негува децентен стил.

Солза Грчева, претседателка на новоформираната партија на центарот Глас за Македонија и поранешна пратеничка на СДСМ, позната по острите критики за политиките на власта, но и на најголемата опозициска партија, многумина ја гледаат како вистински претседател на сите граѓани. Професорка и политичарка, Солза е жената која се обиде да ја обои црно-белата слика на македонската политичка сцена што со децении ја прават двете најголеми политички партии. За неа велат дека е тип на политичар со автентичен израз кој е близок до луѓето, а не до елитата. Таа е негувана дама која очигледно внимава на својот изглед.

Професорката по уставно право и политички систем Тања Каракамишева и член на Венецијанска комисија е третата во групата моќни жени кои имаат поддршка за највисоката функција. Позната е по жестоките критики на своите политички ривали, но и на исто толку жестоката поддршка за сите досегашни одлуки на претседателот Ѓорге Иванов, кои беа критикувани во јавноста. Каракамишева е претседател на комисијата за политички систем на ВМРО-ДПМНЕ и ужива голем углед кај членовите на најголемата опозициска партија. Има елегантен и карактеристичен стил на облекување.

На само неколку месеци пред истекот на мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов, партиите не ги откриваат нивните фаворити за шеф на државата. Дополнителен предизвик и за двата табора е и високиот цензус од 40 проценти за претседателски избори. Тоа, според проценките, е дополнителен мотив за да се размислува во насока на коалиција СДСМ-ДУИ за претседателските избори, односно единствен, и заеднички кандидат за претседател.